Балкан
3. February 2017 - 9:46

„Катимерини“: Разочарување меѓу грчките земјоделци

Разочарување владее меѓу грчките земјоделци, кои повторно ги извадија тракторите по патиштата низ северниот дел на земјата во знак на протест против зголемувањето на даноците и осигурувањата на вработените во секторот, како и против високата цена на горивата, соопшти весникот „Катимерини“.

Земјоделците вчера со трактори се појавија во Солун, учествувајќи на митингот планиран за отворање на меѓународниот саем „Зоотехника“.

Нивното присуство таму , меѓутоа, беше помалубројно од очекуваното, што е резултат на појавеното разочарување меѓу фармерите, пишува весникот.

-Нема различни проблеми, има различни интереси меѓу земјоделските производители, изјави претставникот на земјоделците Вангелис Бутас.

Фармерите за денеска планираат митинзи во различни градови на земјата.

Земјоделците, кои вчера не успеаја да стигнат до Солун, и се решија за блокада на преминот Евзони, на македонско-грчката граница, блокадата ќе ја продолжат и денеска. Тие, вчера, преку граничниот премин пропуштија само 57 камиони.

Засега нејасно останува прашањето дали земјоделците ќе ја блокираат долината Темпи, бидејќи идејата за носење на земјоделската техника до таму не наиде на доволно поддржувачи.

Грчкиот министер за земјоделие Евангелос Апостолу, при вчерашното отворање на саемот во Солун изјави дека тој е отворен за  дијалог со земјоделците кои протестираат.