Македонија
9. July 2018 - 16:41

Катимерини: Поканата за НАТО условена со спроведување на договорот за името

По условениот датум за преговори, Македонија ќе добие и условена покана за членство во НАТО, јавува грчкиот весник Катимерини повикувајќи се на драфт верзија од финалната декларација во која весникот имал увид.
Според информациите, во членовите 59 и 60 алијансата  во својот финален документ ќе нотира дека пристапувањето на Македонија кон унијата ќе зависи од ратификацијата на Договорот од Преспа.
За ваквиот чекор на алијансата, била запознаени и македонската но и грчката страна и дека на оваа тема се разговарало и во телефонскиот разговор кој американскиот потпретседател Мајк Пенс го имаше со премиерите Заев и Ципрас.

Весникот пишува дека се очекува во следните 10 дена, Заев  да започне со процедурите за организирање на референдумот за да се фати рокот кој македонскиот премиер го постави во интервјуто за ЕРТ, најавувајќи изјаснување на граѓаните на 23 септември или 7 октомври.

Доколку власта собере мнозинство за измени на македонскиот Устав, на потег ќе биде грчкиот парламент кој ќе треба да го ратификува договорот и да ја тргне и последната пречка на патот до НАТО.

Грчкиот заменик министер за надворешни работи вели дека Ципрас нема да има проблем со мнозинството во Собранието, оставајќи ја отворена можноста ратификацијата на договорот да креира тензии во неговата влада.

„Договорот како и да е ќе помине во парламентот. Ќе постои поголемо мнозинство од ова што во овој момент го имаме како влада и сакам да се надевам дека министерот за национална одбрана ќе го задржи она што го изјави, дека владата има рок на траење септември 2019, вели заменик министерот Јоргос Катругалос