Македонија
28. May 2018 - 16:14

Катимерини: Новото име се поврзува со Крушево и Крушевската Република - најавени нови протести во Грција

По неуспехот да се согласат за „Илинденска Македонија“, постои нов предлог кој треба да го реши дводеценискиот спор за името. Потрагата по евентуалното решение денеска е главна тема во грчките медиуми, а според Катимерини, на маса ставено ново име.

Весникот пишува дека за време на последниот круг од преговорите, предмет на дискусија станало име поврзано со Крушево и Крушевската Република, прогласена за време на Илинденското востание“.         

Последните случувања во преговорите, кои по најавите се во својата завршна фаза, е главниот повод за новите паралелни демонстрации низ повеќе градови во Грција, закажани за 6-ти јуни. Според „Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија“, што се јавува како организатор, преку овие протести се прави обид да се потсетат политичарите во земјата дека грчкиот народ донесе одлука во врска со името на Македонија, воедно барајќи нејзина примена.

Организаторите бараат поддршка „во борбата на грчките граѓани против, како што велат, распродавањето на името на Македонија“.

Во нивното соопштение се вели дека “Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија ѝ разјаснува на грчката Влада, дека ниту едно име што го вклучува терминот „Македонија", не може да биде прифатено од страна на грчката страна”.

Илјадници Грци во јануари протестираа во Солун, а во февруари во Атина, со порака “Македонија е Грчка„ осудувајќи ги разговорите за компромисно решение на спорот.