Македонија
7. August 2018 - 16:09

Катимерини: Ако успее референдумот Заев ќе мора да бара мнозинство за уставни измени на нови избори

Доколку успее референдумот во Македонија, во земјата ќе следуваат предвремени парламентарни избори. Ова е предвидувањето на уредник Васил Недос во грчки Катимерини, кој објавува анализа во однос на претстојното референдумско изјаснување на 30-ти септември. Според анализата, во игра се две сценарија околу исходот од изјасувањето за Договорот од Преспа.

Во случај да биде отфрлен, Недос пишува дека „Зоран Заев не може да го направи следниот чекор и покрај фактот што референдумот има консултативен карактер“. Второто сценарио што го анализира е позитивен исход и одобрување на договорот, по што би следел процесот на уставна ревизија, „што, според Василис Недос, може да трае и до три месеци“.

Врз основа на досегашната негативна позиција на националистичката опозиција ВМРО-ДПМНЕ, не е веројатно дека успехот на референдумот ќе ги премисли пратениците од партијата за да одобрат промена на Уставот. Во овој случај, господинот Заев ќе ја одведе земјата на предвремени избори, со цел да го зголеми парламентарното мнозинство и да го потисне ВМРО, пишува во анализата објавена во „Катимерини“.

Според Недос, меѓународните партнери на Атина, сметаат дека можните предвремени избори во Грција би можеле да го одведат договорот во ќорсокак.

Од друга страна Грција се повеќе ги влопшува односите со Русија. Откако земјата во јули протера двајца руски дипломати и им забрани влез на уште двајца, поради сомнение дека се обиделе да поткупат државни претставници и да организираат протести, со цел да се спречи договорот кој ѝ овозможува на Македонија да се приклучи на НАТО, Русија враќа со контрамерки.

Забрана за влез во земјата доби близок соработник на министерот за надворешни работи Никос Коѕијас, а од земјата протерани се и двајца грчки дипломати. На овој последен чекор во заладувањето на грчко-руските односи, реагираше грчкото МНР, кое одлуката на Русија ја опиша како „несиметричен“ потег и вооедно најавува дека Атина ќе одговори соодветно.