Катица Јанева засега има статус на сведок, истрагата ќе покаже дали ќе добие друг статус
Катица Јанева во вторник ќе дава исказ за истрагата Рекет во својство на сведок. Информацијата за Сител ја потврди Обвинителството за гонење на организиран криминал од каде потенцираат дека во оваа фаза од истрагата се осомничени само две лица.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во моментов води истрага во која се осомничени две лица. Сите останати кои се повикуваат на распит вклучувајќи ги и специјалните обвинители, се повикуваат во својство на сведоци. Обвинителството не ја исклучува можноста по овие распити истрагата да биде проширена против повеќе лица, а јавноста ќе биде навремено информирана, потврдуваат од обвинителството.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Рекет ја покажува целата криминална мрежа која владее во државата и по која СЈО и власта повеќе немаат кредибилитет пред граѓаните. Опизицијата повикува на распишување предвремени избори.
Дали Адријан Амзоски платил 260.000 евра на Бојан 13 за Катица Јанева да му повлече обвинителен акт за кој сигурно ќе одговарал?
Кои се причините заради кои Катица Јанева го повлекла овој обвинителен акт, т.е. причините ги видовме, најверојатно се тие 260.000 евра.
Дали Вилма Русковска и ОЈО веќе се занимаваат со овој случај каде што се зацрнети судбини на луѓе поврзани со случајот „ТНТ“ од страна на СЈО? Дали некој се занимава со овој платен рекет од 260.000 евра за повлекување на обвинение?
Сега гледаме дека се било шема од Катица Јанева, Заев и останатите за да се вршат притисоци и да се рекетираат пари. Додека Катица Јанева дивеела и рекетирале, луѓе лежеа по затвори невини, вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ
За владејачката партија пак најважно во овој момент е опозицискиот лидер Мицкоски да признае дека работи на диретна штета на државата и нејзината евро-атлантска интеграција.
На прес конференцијата одржана во белиот дворец на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски призна дека се сретнал со еден од осомничените во случајот „Рекет“, споменатиот Зоки Кичеец. Ајде сега Христијан Мицкоски нека излезе пред граѓаните и нека признае дека во Унгарија се сретнал и со Никола Груевски? Дали Мицкоски во Унгарија и во Словенија се среќавал со уште некој и нека признае зошто?Граѓаните, целокупната јавност, очекуваат одговори на овие прашања.
Со кого Мицкоски се координира за да ја спречи интеграцијата на Република Северна Македонија во НАТО и ЕУ? вели Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ.
Исказ пред обвинителството за гонење на организиран криминал досега дадоа тројца специјални обвинители чии имиња беа споменати во адуио-снимките објавени од италијанскиот весник Ла Верита. Последна на распит ќе се појави и шефицата на СЈО во оставка, а истрагата потоа ќе треба да даде одговор дали покрај Боки 13 и Зоран Милевски Кичеец, со рекетарската афера ќе бидат опфатени и други лица.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар