Македонија
2. јуни 2020 - 19:30

Катица Јанева вербално ја нападна Русковска во завршните зборови за „Рекет“

Емоции, вулгарни зборови и навреди го одбележаа завршниот збор на екс обвинителката Катица Јанева.. Ја нападна својата колешка Вилма Русковска за која рече дека застапувала предмет во кој не успеала да ги докаже кривичните дела. Смета дека обвинението било напишано од љубомора.

„Во овој предмет е присутна чиста завист, омраза ама гајле ми е, нека пукне! Обвинението го распраталивме како баница па денеска за да не црвенее од срам не дојде предметниот обвинител“, кажа во судницата Јанева.

Таа вели дека не постојат докази оти зела 50 илјади евра и запраша дали ако на сликата за која обвинителството тврди дека се гледал сноп пари, имало шеќер, обвинителката ќе напишела дека тоа е кокаин?

Во својот завршен збор Јанева со вулгарни зборови го нападна и сведокот Камчев. Го нарече злобен и валкан играч кој мисли дека може да го купи секој.

Според обраната, ваквиот речник на Јанева бил резултат на времето минато во притвор и убедувањето дека не постојат докази за кривичното дело за кое се товари.

За адвокатите на Јанева, недозволиво е судот да ги цени како докази тајно снимените аудио и видео материјали понудени од обвинителството бидејќи биле обезбедени на незаконит начин. Побараа ослободителна пресуда за Јанева.

Со завршните зборови на обвинетите, зарши и судската постапка за Рекет. Пресудата за Бојан Јовановски и Катица Јанева, судот ќе ја објави на 18 јуни.