Македонија
23. July 2019 - 10:06

Катица Јанева снимена на третман во фризерски салон, пронајден и нејзиниот изгубен телефон

Пронајден и одземен е и вториот мобилен телефон на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, за кој се тврдеше дека е изгубен.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, соопшти дека телефонот по кој се трагаше е пронајден во текот на вчерашниот ден и ќе биде даден на вештачење.

– По издавање на првата наредба за одземање на мобилните телефони, беше пронајден само еден мобилен телефон и беше дадена информација дека вториот мобилен телефон бил изгубен. Обвинителството со издадено барање  до мобилните оператори за следење на IMEI- меѓународен идентитет на мобилна опрема на телефонот, го пронајде мобилниот телефон кај друго лице. По што, со наредба на судија на претходна постапка телефонот е одземен. Притоа лицето изјави дека телефонот е добиен на подарок, се вели во соопштението од Обвинителството.

Со цел утврдување на натамошни факти, мобилниот телефон по наредба на обвинителството ќе биде предмет на вештачење. Истовремено, се испитува дали вториот мобилен телефон бил средство на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, вчера го добило извештајот од вештачењето на првиот телефон на Јанева што и беше одземен во врска со истрагата за случајот „Рекет“.

– Вештачењето на мобилниот телефон е завршено. Но, со цел да не се попречи на натамошното водење на истражната постапка, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција не е во можност да сподели детали околу содржината на извештајот од вештачењето на мобилниот телефон на јавниот обвинител. Вториот мобилен телефон до овој момент не е пронајден, соопштија од  Јавното обвинителство.

Обвинителството нема сознанија каде во моментов се наоѓа јавната обвинителка. Досега обвинителството нема преземено дејствија за повикување на јавната обвинителка, нема ниту преземени дејствија на следење или лоцирање.

– Обвинителството во моментов не може да сподели информација во врска со бројката на лица кои се обраќаат до јавното обвинителство и кои пријавуваат. Временскиот период од обелоденување на истрагата е кратко, поминаа само седум дена во кои континуирано  се обраќаат лица со цел да пријават кривично правни настани, наведуваат од Јавното обвинителство.

Телефонот на Јанева и беше одземен во понеделникот и предаден на вештачење со цел да се види нејзината комуникација со осомничените во „Рекет“.

Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска во ТВ интервју рече дека имаат снимки од кои сè слуша и гледа дека додека осомничениот Бојан Јовановски разговарал со сведокот бизнисмен, на спикерфон бил и јавен обвинител, без да прецизира за кого станува збор.

Катица Јанева даде оставка на функцијата минатиот понеделник, од кога не е достапна за јавноста. Јанева, како што информираа од СЈО, во вторникот отворила боледување. 

Во меѓувреме на социјалната мрежа „Фејсбук“ се појави видео-снимка од специјалната јавна обвинителка Катица Јанева како користи фризерски услуги во еден салон за убавина.

Како што објави ТВ21, снимките се направени вчера, а фризерскиот салон се наоѓа на булевар Партизански одреди во Скопје.

Катица често ги користела услугите на овој салон.