Македонија
1. October 2019 - 16:45

Катица Јанева останува во притвор поради опасност од бегство

Екс шефицата на СЈО останува во притвор.. Апелациониот суд ја одби жалбата на Катица Јанева со која бараше да се брани од слобода. Судиите утврдиле дека поради опасност од бегство, не може да се укине притворот на поранешната специјална обвинителка. Од Апелациониот суд објаснуваат дека со завршување на истрагата за Рекет, Јанева не може да влијае врз сведоци, што беше една од причините заради кои е одреден притворот, но и понатаму постои можност таа да побегне.

Јанева води уште една битка за укинување на притворот.. Нејзините адвокати се жалат и на одлуката од судија на претходна постапка кој не ја прифати гаранцијата од три стана во замена за укинување на притворот. Претходно, адвокатскиот тим на Јанева, двете жалби ги надополнија со известувањето дека завршила истрагата за Рекет.

„Првата жалба е против решението на кривичниот совет по предлог за продолжување на мерката притвор од обвинителството, а втората жалба е по решението на судија на претходна постапка по нашиот предлог“, изјави вчера адвокатот на Јанева, Ирена Фрчкоска.

Ослободување од притвор бара и првоосомничениот Бојан Јовановски.. Зошто треба да го напушти затворот во Шутка, Боки 13 заедно со својот адвокат, аргументите ќе ги презентираат на јавна седница во Апелациониот суд во четврток.

Инаку одбраната на Јанева и Боки 13 во изминатите денови правеа увид во доказите за Рекет, по што се очекува двајцата осомничени да дадат исказ пред обвинителката Вилма Русковска.