Македонија
23. July 2019 - 19:07

Катица Јанева: Не сум виновна, и други ми го злоупотребувале името

Одговорно тврдам дека ниту свесно ниту несвесно не сум ја злоупотребила својата функција. Недела дена по приведувањата во случајот Рекет, Специјалната јавна обвинителка во оставка и се обрати на јавноста. Тврди дека во целиот период била жртва на јавен линч. Потврди дека се познава со Боки 13, но демантира дека на било кој начин го прекршила законот

Јанева вели дека има информации дека освен сега веќе приведените, нејзиното име за изнуди го користеле и други лица, без да открие за кого станува збор

И покрај големиот број на новинарски екипи Јанева реши да не одговара на новинарските прашања

Утрово Обвинителството објави дека го нашло и вториот мобилен телефон на Катица Јанева

„Обвинителството со издадено барање  до мобилните оператори за следење на IMEI- меѓународен идентитет на мобилна опрема на телефонот, го пронајде мобилниот телефон кај друго лице. По што, со наредба на судија на претходна постапка телефонот е одземен. Притоа лицето изјави дека телефонот е добиен на подарок.“ – стои во соопштението ја Јавното обвинитлество објавено утрово.

Обвинителката Рускоска, викендов во интервју за Сител откри дека при претресот во домот на Јанева, нејзиниот син, кој инаку е вработен во телевизијата на Боки 13 им кажал на истражителите дека вториот телефон бил загубен во Белград, што е контрадикторно со информациите кои ги добило обвинителството дека вториот телефон лицето кај кое што е најден го добило на подарок.

Вчера заврши вештачењето на телефонот кој полицијата го одзема минатиот понеделник. Што е најдено во него од обвинителството не откриваат. Вчера само кратко информираа дека истрагата се уште не е проширена на други лица.

Минатата недела, полицијата по налог на обвинителството го приведе Боки 13 и Зоран Кичеец под сомение дека изнудувале рекет од бизнисмени заканувајќи им се со СЈО и Катица Јанева.