Македонија
14. September 2020 - 17:02

Катица Јанева и Бојан Јовановски не се соочија во судница

Претходно заедно на обвинителна клупа, а денеска не се соочија во судот. Одложена првата рунда од случајот “Катица против Боки”, откако судијката информираше дека Јовановски од интензивна нега сега се наоѓа на болничко лекување.

Јанева приватно го тужи Јовановски дека тој тајно ја снимал и фотографирал.

“Тоа кај нас e предвидено како кривично дело. Предвидена и е минорна затворска казна до три месеци затвор. Меѓутоа не е поентата во висината на казната. Сепак станува збор за нешто кое што и Катица ценеше дека премногу зема замав, дека премногу се снима неовластено и дека се снима за разни цели и затоа се реши на ваков чекор”

Дел од овие фотографии беа презентирани како докази против Јанева во случајот “Рекет”, за кој поранешната специјална обвинителка доби 7-годишна затворска казна, пресуда која е обжалена на Апелација. На една од нив се гледа Јанева во својот дом со купче пари пред неа.

Телефонот на Боки содржел многу фотографии, но Кадиев посочи дека тужбата ја темелат на 22 од нив, кои тој денеска ги предаде во судот. Јанева била снимана во својот дом, во работната канцеларија, но и во ресторани, a фотографирањето се одвивало во временски интервал од неколку месеци.

Денеска во судот не се појави ниту Јанева, која домашниот притвор од пред неколку дена го издржува во родната Гевгелија.