Македонија
5. May 2020 - 16:47

Катица Јанева го тужи Бојан Јовановски

Фотографијата на која Катица Јанева во својот дом седи со сноп пари, а ја сликал Боки 13, ја налути поранешната обвинителка. Минатиот месец му поднела кривична пријава за неовластено снимање. Пријавата денеска ја понуди за доказ во предметот Рекет.

„Начинот на дискредитирање на целиот предмет преку поднесување на оваа приватна кривична тужба, всушниот самиот јавен обвинител го дискредитираше целиот предмет без да спроведе било каков дополнителен доказ во врска со таа фотографија со која што цени дека има некои парични средства пред Катица Јанева. Нема никаков доказ дека се тоа парични средства, нема никакво вештачење, нема никаков чин на предавање и земање“, изјави Дељо Кадиев, Адвокат на Катица Јанева.

Дополнителни докази има и обвинетиот Јовановски. Понуди документ дека запленетите уметнички слики ги земал на реверс, за исплата на хонорари од авторска агенција, договори за јавни настапи. Информациите од мобилниот на Јовановски за кој одбраната тврди дека не е вештачен, судот не прифати да бидат докази во предметот. Одбил да ги повика за сведоци и поранешниот премиер Заев, техничкиот Спасовски, министрите Шекеринска и Филипче. Нема да сведочи ниту екс директорот на УБК, Горан Николовски кој прв дознал за рекетот врз бизнисменот Камчев..

„Ние не ги понудивме во почетокот на постапката затоа што сметавме дека тоа ќе произлезе од вештачењето на мобилниот телефон, а тој е побаран уште во фаза на истрага да се вештачи и знаете како бевме одбиени? Беше прашана обвинителката, вистина ли е дека сте го вештачеле  телефонот, и обвинителката рече ДА. И ние сега треба да веруваме дека е тоа така затоа не ги предложивме“, изјави Сашко Дуковски, адвокат на Бојан Јовановски.

Судењето за Рекет продолжува во четврток. Обвинетите Јанева и Јовановски ќе ја даваат својата одбрана.