Македонија
13. March 2020 - 19:33

Катица Јанева денеска ги презентираше своите докази во случајот Рекет

Случајот „Империја“ го затвори за јавноста денешното судење за „Рекет“. Катица Јанева презентирала документи со кои докажува дека не влијаела во предметот каде осомничен е рекетираниот бизнисмен Камчев. Адвокатите на екс специјалната обвинителка побараа исклучување на јавноста оти предметот бил се уште во истрага.

„Доказите кои се изведоа на нејавна седница се однесуваат на документација која што е поврзана со предмети кои што се во тек тогаш СЈО, предмети кои се уште се во фаза на истрага па се откриваат лични податоци и може да дојде до нарушување на истрагата“, изјави Дељо Кадиев, Адвокат на Катица Јанева.

„Од тие докази ќе се види целиот след на постапување на СЈО во предметот Империја“, рече Ирена Фрчкоска, Адвокат на Катица Јанева.

За текот на Империја, Јанева како доказ понуди и снимка од 1ТВ каде гостувала со обвинителката Лиле Стефанова која го води предметот. Со извод од банкарската сметка и анкетниот лист, екс обвинителката пред судот докажуваше дека немала дополнителни приходи од плата освен еден надоместок од владата за учество во Советот за реформи. Ја приложи и оригиналната каса прими од купување на гарнитурата за седење. Понуди и фактури од Систина за лекување на нејзиниот татко.

„Дел од тоа лекување беше спомнато во овие снимки од Ла Верита дека доаѓал таткото што упатуваше на некакви сомнежи - НЕ. Значи овој доказ се поставува дека сите медицински интервенции се платени уредно од страна на сестрата на Јанева но и лично од Катица“, изјави Ирена Фрчкоска, Адвокат на Катица Јанева.

 На следното судење за Рекет, по предлог на Јанева ќе сведочат нејзините поранешни колеги од СЈО, обвинителите Ленче Ристовска и Гаврил Бубевски.