Македонија
25. December 2015 - 16:28

Катица Јанева бара Зоран Верушевски да биде ослободен од притвор

Ослободувањето на Зоран Верушевски е првиот чекор на Катица Јанева во улогата на специјален јавен обвинител. Наместо во притвор каде се наоѓа како првообвинет за случајот Пуч, нејзиното обвинителство бара да биде ослободен и пуштен дома со одземање на пасошот.

Во писмена изјава испратена до Сител, специјалното обвинителство потврдува дека нема да бара продолжување на мерката иако Верушевски е обвинет за сериозни кривични дела во судска постапка која со месеци не започнува поради одбивањето на Заев да присуствува на судските рочишта.

-Ве известуваме дека од страна на одбраната за обвинетите предложено е укинување на мерката притвор и определување на гаранција, по однос на што, а постапувајќи по барање на Судот, ние дадовме позитивно мислење во кое појаснивме од кои причини сметаме дека постојат услови мерката притвор да биде заменета со гаранција. Воедно од наша страна предложено е и определување на мерки на претпазливост и тоа мерка на претпазливост - забрана за напуштање на живеалиште или престојувалшите и мерка на претпазливост - одземање на патна исправа за поминување на државна граница, стои во соопштението од Јанева

За познавачите на состојбите ова е скандалозна одлука која ги потврдува сомневањата за постоење координација помеѓу Катица Јанева и Зоран Заев. Пред една недела нејзината одлука ја најави опозицискиот неделник Фокус кој ги објави и фалсификуваните лични карти од фабриката за афери на СДСМ.

Ослободувањето се случува во време кога лидерот на СДСМ одбива да предаде 600 илјади прислушувани разговори за кои истрагата во случајот Пуч сметаше дека потекнуваат токму од Зоран Верушевски и неговите соработници во УБК. Еден од нив призна дека по налог на првообвинетиот поранешен разузнавач прислушувал телефонски разговори на политичари.

Јанева во писмено соопштение тврди дека наидува на пречки во соработката со СДСМ во однос на предавањето на материјалите но сепак најавува дека какви мерки ќе преземе ќе се знае дури по 15ти јануари, односно цел месец по нејзиното барање упатено до Заев.

Ова за дел од јавноста е показател дека Јанева се однесува како марионета на СДСМ.

И премиерот Груевски вчера оцени дека се исполнети сите услови за Заев да ги предаде прислушуваните телефонски разговори.

Зоран Верушевски е обвинет за сериозни кривични дела- незаконско прислушување и тонско снимање, шпионажа и насилство кон претставници на државните институции.

Во истаргата беше откриено дека тој и неговите соработници комуницирале со шифрирани поракио во кои договарале материјални награди за своите заслуги. Во скајп комуникацијата меѓу Верушевски и Лазаревски од МВР беше откриено дека групата била свесна за последиците од своето незаконско работење а очекувале да дојде и до целосна дестабилизација на земјата.