Бизнис
26. February 2016 - 13:14

Катастрите на Македонија и Холандија потпишаа меморандум за соработка

Размена на знаења и искуства со цел продлабочување на 10-годишната соработка помеѓу Агенцијата за катастар на недвижности на Македонија и холандскиот Катастар предвидува денеска потпишаниот Меморандум помеѓу двете институции.

- Утврдените области за соработка се дел од концептот на е-влада, доброто управување со земјиштето и развиеното информатичко општество, рече по потпишувањето на Меморандумот директорот на македонскиот Катастар Славче Трпевски.

Со Меморандумот, како што информира, посебно се издвоени проектите 3Д катастар, е-земјишна администрација, земјишната администрација како решение за социјалните проблеми и прашања.

- Со тоа се потенцира и соработката за подобрување на капацитетите при имплементацијата на националната инфраструктура на просторни податоци, топографските карти, понатамошниот развој на инфраструктурниот катастар и сите прашања што произлегуваат од правните аспекти поврзани со хипотеки и закупнини на станови во катастарската база на податоци, појасни Трпевски.  

Хендрик Вестeнбег, претставник на холандскиот Катастар оцени дека Агенцијата за катастар на недвижности на Македонија постигна голем развој во повеќе области.

- Во изминатата деценија соработувавме многу успешно во многу области. Во овие 10 години македонскиот Катастар покажа високо ниво за да преземе знаење и искуство од другите држави како што е Холандија. Сакаме да му честитаме на Катастарот за брзите промени што беа спроведени, посочи Вестербег.

Холандскиот амбасадор во Македонија Валтер Пломп истакна дека во периодот што следи фокусот на соработката ќе биде на споделување и пренесување на знаењата и вештините на двете институции.

- Нивната поддршка ќе цели кон дизајнирање на системи за регистрација на земјиштето и географските податоци. Убеден сум дека оваа соработка ќе биде од взаемен интерес, посочи амбасадорот Пломп.