Свет
10. October 2017 - 14:34

Каталонија по референдумот за независност

Десет дена по референдумот за независност на Каталонија, продолжува неизвесноста што ја предизвика најголемата политичка криза во Шпанија од возобновата на демократијата во земјата во средината на 70-те години на минатиот век.

Шпанската Влада и судовите уште од претходно можноста за прогласување независност на Каталонија ја оценија како незаконска, став со кој се согласуваат и голем број Каталонци, имајќи предвид дека, според анкетите, тие се поделени по прашањето дали регионот треба да се отцепи од Шпанија.  

Од друга страна, претседателот на регионалната Влада на Каталонија. Карлес Пуџдемон е под притисок на каталонските сепаратисти за што поскоро прогласување независност. Првично, за денеска беше најавено дека Пуџдемон ќе се обрати пред каталонскиот Парламент, при што се претпоставуваше дека ќе прогласи независносот, но тој во петокот го откажа своето обраќање.  

ЕУ остана на ставот дека референдумот е „внатрешна работа на Шпанија“, но сепак предупреди дека доколку Каталонија прогласи независносот, новата држава нема по автоматизам да биде членка на Унијата, туку ќе треба да го помине целиот пристапен процес доколку сака да биде дел од блокот.   

Договорите за формирање на ЕУ не предвидуваат како би требало да се однесува Брисел доколку територија на една нејзина земја членка прогласи независност. Меѓутоа, пред 13 години Европската комисија, тогаш предводена од Романо Проди, излезе со толкување дека „држава формирана со отцепување од ЕУ, нема автоматски да се смета за дел на Унијата“.

Експертот по европска право Жан-Клод Пирис смета дека ниту една членка на ЕУ нема да ја признае независноста на Каталонија, бидејќи со оранизирањето на референдумот властите во Барселона „го прекршиле правото и уставот на Шпанија“. 

Пирис смета дека во прашање се доведува и легитимноста на самиот референдум за независност, бидејќи на сите жители на Каталонија не им беше овзможено правото да се изјаснат, поради затворањето на голем број гласачки места од страна на националната полиција. Легитимноста на самиот референдум е дискутабилна и од причина што излезноста на изјаснувањето беше под 50 проценти, што се смета за норма за успешност на еден плебисцит. 

Доколку, сепак, властите во Барселона прогласат независност на регионот, можни се пет сценарија за идниот развој на настаните.

Според првото сценарио, доколку властите во Барселона прогласат независност, шпанскиот премиер Маријано Рахој, согласно уставните надлежности може да го суспендира автономниот статус на Каталонија и да воведе дирекна управа над регионот.

Членот 155 од Уставот на Шпанија предвидува дека доколу властите на некој од шпанските региони ги прекршат своите уставни надлежности или „дејствуваат на начин што сериозно ги загрозуваат општите интереси на Шпанија“, Владата во Мадрид може да ги преземе „потребните мерки за да ги заштити општите интереси“.

Одобрение за примена на одредбите од овој член од Уставот од страна на Владата, дава Сенатот на Шпанија, во кој во моментов Кабинетот на Рахој има мнозинство. 

Со суспензијата на автономијата на Каталонија, Владата во Мадрид практично би ја поништила одлука за независност.

Каталонските сепаратисти, од своја страна, сметаат дека ваков потег на Мадрид само ќе ја зголеми поддршката за независноста на Каталонија.  

Втората опција, би била преговори меѓу Мадрид и Барселона. По референдумот зачестија и повиците за дијалог меѓу Барселона и Мадрид за надминување на кризата, а Швајцарија дури и се понуди да биде посредник. Каталонските лидери го прифати повикот за дијалог, но Мадрид одбива преговори се додека Барселона не се откаже од идејата за независност.  

Со одлуката да прифати дијалог или посредништво, според некои аналитичари, Пуџдемон само сака да си „купи време“ за да се подготват законодавните чекори за воспоставувањето на новата држава, за што би биле потребни месеци. 

Третото сценарио би било шпанската национална полиција, чија мисија во Каталонија е продолжена до 18 октомври, да го уапси Пуџдемон и другите сепаратиситчки лидери, доколку Барселона прогласи независност. 

Во таков случај речиси сигурно би дошло до протсети на приврзаниците на независноста на Каталонија, што би предизвикало нови немири и судири во регионот, дури и поголеми од оние за време на референдумот.

Четвртата опција, би била Пуџдемон да се откаже од идејата за независност и да прифати компромис за останување на Каталонија во рамките на Шпанија. 

Во таков случај, би била доведена во прашање политичката иднина на Пуџдемон, бидејќи сепаратистите тоа би го сметале како „игнорирање на желбата на Каталонците“.

Ова, веројатно не би ја решило кризата, а не би се зајакнала ниту позицијата на Рахој.   

Петото сценарио, би било Рахој да распише нов референдум, кој со самото тоа би бил законски и во согласност со шпанскиот Устав. Во таков случај резултатот од тој референдум би се сметал за легитимен и би се отворила можност за меѓународно признавање на евентуално новата независна држава Каталонија, доколку мнозинството Каталонци на изјаснувањето ја поддржат идејата за отцепување од Шпанија. 

Магазинот „Форин Аферс“ во аналза на постреферендумските случување во Шпанија, оценува дека од сите можни опции за решавање на кризата, шпанската Влада по се игледа го избрала „српскиот начин“. 

Американското списание смета дека Мадрид најверојатно ќе се реши за активирање на членот 155 од Уставот и за укинување на автономијата на Каталонија, слично како што постапи Белград во 1990 година со укинување на автономијата на Косово. 

Според „Форин Аферс“, во прилог на ваквата теза оди и фактот што Мадрид испрати дополнителен број припадници на националната полиција и Цивилната гарда во Каталонија, што многумина Каталонци го сметаат за „надворешна окупација на регионот“.

Примената на ваквата мерка од страна на Мадрид во политичките кругови се оценува како „нуклеарна опција“, а според поранешниот шпански министер за надворешни работи Хозе Мануел Гарсија тоа би било „атомска бомба“.

-  Се работи за екстремна мерка предвидена за екстремна ситуација, смета Гарсија.

Можноста за „активирање на членот 155“ ја најави и шпанскиот крал Фелипе.

- Задача на легитмните сили на земјата е да се погрижат за зачувување на уставниот поредок, рече Фелипе, предпредувајќи ги каталонските сепаратристи „да не го присилуваат Мадрид да оди таму каде што не сака да оди“.