Македонија
19. October 2015 - 19:08

Касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп со нов командант

Со церемонијално предавање на военото знаме на артилеријскиот баталјон и со дефиле на единиците, денеска во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп беше назначен новиот командант на гарнизонот, потполковник Ивица Цветковски.

Цветковски новата функција ја прими од досегашниот командант на гарнизонот, полковник Жарко Ристески. Заблагодарувајќи се на довербата, потполковник Цветковски нагласи дека за него е голема чест, но и одговорност да го води гарнизонот, ветувајќи дека успешно ќе ја извршува мисијата и зададените задачи.
 
- Ке ги следиме и извршуваме сите наши мисии и задачи и ќе ги унапредуваме односите со локалната заедница, рече потполковник Цветковски.
 
Според досегашниот командант на гарнизонот, полковник Ристески должноста да се биде на чело на гарнизонот е голема чест и одговорност.
 
- Чест ми бидеше што девет години бев командантот на гарнизонот. Изградимвме цивионо-воени односи со институциите во регионот кои може да служат за пример во АРМ. Честитки за новиот командант, потполковник Цветковски, изјави полковник Ристески, нагласувајќи дека заминува на нова должност во министерството за одбрана.
 
На свеченоста во прилепската касарна присуствуваа претставници на институции и на локалната заедница.
 
Градоначалникот Ристески смета дека беше одличен потегот кога се активираше прилепската касарна, а соработката со гарнизонот е на многу високо ниво.
 
-Локалната самоуправа и гарнизонот овие години изградија голема соработка. Припадниците на АРМ помагаат и учествуваат во голем број активности, излегувајќи во пресрет на потребите на граѓаните. Одлично соработувавме со досегашниот командант, полковник Ристески, а уверен сум дека така ќе биде и со новоименуваниот командант на гарнизонот, потполковник Цветковски, рече прилепскиот градоначалник Марјан Ристески.
 
Свеченоста беше збогатена со тактичко-технички збор на вооружувањето и опремата со кои располага единицата при гарнизонот „Мирче Ацев“ во Прилеп.