Свет
12. July 2016 - 19:58

Картер: Американската армија во Авганистан ќе има поголема слобода при нападите врз талибанците

Главниот командант на силите на САД во Авганистан ќе има поголема слобода при нападите врз талибанците по минатомесечното одобрение од претседателот Барак Обама, изјави американскиот секретар за одбрана Еш Картер.

Тој, во ненајавената посета на Авганистан, истакна дека овластувањата дадени на генерал Џон Николсон ќе дозволат „многу поефикасно искористување на силите на САД, како и на авганистанските сили“.

Пред одобрението генерал Николсон, кој командува со мисијата на НАТО „Одлучувачка поддршка“ и со мисијата на САД за борба против тероризмот,  силите можеа да се вклучат во борба против талибанците само на барање на авганистанската армија.

Посетата на Картер на Авганистан уследи откако Обама ги откажа плановите намалување на бројот на американски војници во Авганистан до крајот на годината и одлучи да остави 8.400 војници до крајот на нивниот мандат во јанури.

Картер се сретна со авганистанскиот претседател и премиер Ашраф Гани и Абдула Абдула.

Гани им се заблагодари на САД и на сојузниците на НАТО, кои минатата недела ветија продолжување на помошта за Авганистан.