Балкан
23. January 2020 - 11:56

Карпентер-Нема црвени линии за решавање на косовското прашање, ништо не се исклучува

„Ништо не е готово и ништо не се исклучува, дури ни промена на границите кога станува збор за Косово, изјави Мајкл Карпентер, поранешен официјален претставник на Пентагон и експерт за Балканот за провладиниот Српски Телеграф.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Карпентер, поранешен советник и поддржувач на Џозеф Бајден, во интервјуто оцени дека Вашингтон ќе го одобри секое решение околу кое ќе се усогласат Србите и Албанците, истакнувајќи дека по ова прашање нема црвени линии – сè е на Белград и Приштина.

Според него, ЕУ, Америка и ООН ќе поддржат одржлив договор.

Тој го пренесе личниот став дека демократите и републиканците во Конгресот се цврсто обединети во поддршката на независно Косово.

-Така да, тоа нема да се промени, кажа тој, додавајќи дека и двете страни сакаат резолуција што ќе им овозможи на Србија и Косово да живеат рамо до рамо во мир и просперитет.

-Треба креативно да размислиме како тоа да го постигнеме. Не мислам дека статус-квото е одржливо, рече Карпентер.

Тој оцени дека што и да успее демократската администрација, сегашната треба да биде покреативна и внимателно да размисли како да ги охрабри двете страни да постигнат договор кој може да го прифатат повеќето Срби и косовски Албанци.

-Тоа вклучува ставање на маса на идејата за стабилизационен фонд, додава Карпентер.

Тој не ја отфрла можноста, вклучително и за промена на границите, но забележува дека клучот за одржливоста на договорот е да го поддржуваат повеќето граѓани и во Србија и во Косово.

-Ако внатрешните актери не ја поддржуваат целосно резолуцијата, без оглед на тоа што размислуваат надворешните актери за тоа, тоа нема да функционира. Трајната резолуција бара широка поддршка од обете страни, истакнува Карпентер.

Карпентер, кој сега ја врши функцијата виш директор на Центарот за дипломатија и глобално ангажирање „Пен Бајден“, по повод изјавата на српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ дека ќе ги повика Србите во САД да гласаат за Доналд Трамп, кажа дека тој може да бара да гласаат за кого сака.

-Поентата ми е дека ова можеби не е најпаметната дипломатска стратегија, кажа Карпентер.

Во врска со престојните избори во САД, тој верува дека Бајден, како кандидат, е најдобро подготвен да го врати интегритетот и честа на Белата куќа.

Ако Трамп изгуби, тој вели дека се очекува крај на корупцијата во Белата куќа и покохерентна надворешна политика.

-На Балканот, мислам дека тоа ќе значи повеќе инвестиции во остварувањето на европското единство, слобода и мир, заклучи тој.