Џет-Сет
1. September 2015 - 18:03

Каролина Гочева заштитно лице на Авон за Македонија

Популарната пејачка Каролина Гочева стана заштитно лице на козметичката компанија Авон за Македонија. Во текот на претстојната година таа ќе се појавува низ страниците на брошурите на Авон за македонскиот пазар.

Партнерството официјално започнува од септември година, а ќе трае сè до истиот период следната година, период во кој Каролина ќе ги стави својот потпис и препорака на неколку внимателно одбрани премиум производи и брендови на компанијата.

- Среќна сум што ќе соработувам со компанија како што е Авон Македонија и што ќе ги приближам нивните производи до македонските жени. Во мај во Полска направивме и фото-сесија за премиум-парфемот Атракшн на која се чувствував како вистинска ѕвезда. Дел од фотографиите веќе беа споделени во медиумите и на социјалните мрежи, а со задоволство можам да кажам дека следуваат уште многу изненадувања и активности, изјави Гочева.

Националниот менаџер на продажба на Авон Македонија, Дана Стојкова истакна дека компанија отсекогаш имала пракса да соработува со познати личности од различни сфери.

- По 10 години работа во Македонија нашиот пазар е созреан за да почнеме соработка со локална ѕвезда. Слободно може да се каже дека Каролина е бренд кој таа го гради веќе 20 години. Скромна, духовита и секогаш верна на себеси и на тоа што го прави. Вистинска дама која е репрезент на приказната на Авон Македонија, вели Стојкова.

Во текот на 129-те години постоење на интернационалната компанија, голем број светски познати личности беа и сè уште се заштитни лица на линиите на овој козметички гигант меѓу кои актерите Салма Хаек, Рис Витерспун, Жаклин Бисе, Мила Јововиќ, пејачката Ферги, тенисерката Марија Шарапова, супер-моделите Амбер Валета, Јасмин Ле Бон, како и актуелниот глобален амбасадор за убавина и топ модел, Ирина Шајк.