Македонија
5. May 2019 - 8:29

Кардинал Падолин: Посетата на папата Франциск ќе го зајакне дијалогот и соработката меѓу верските заедници

Северна Македонија и Бугарија, земји кои папата Франциско ќе ги посети наредните денови, имаат совршена сцена за повторно да се слушне сведочанството на двајцата исклучителни светци од првиот милениум, кои за нас христијаните се заеднички – Кирил и Методиј, двајца браќа кои го објавија Евангелието на новите народи и на нови јазици, секогаш пред сè, гаејќи единство меѓу христијаните, ставајќи го единството на прво место, во време кога во христијанското единство веќе постоеја големи пукнатини, вели државниот секретар и втор човек на Ватикан, кардиналот Пјетро Падолин.

Тој во денешното интервју за белградска „Политика“ истакнува дека земјите што ќе ги посети папата Франциск претставуваат и географски и историски, една важна крстосница на Европа, земји каде што односите првенствено се развиле преку меѓусебно разбирање и прифаќање. Патувањето на папата во овие земји е во пресрет на сите христијански заедници, не само за католиците, а на посебен начин – на младите луѓе, вели кардиналот Падолин.

-Северна Македонија, како што е наведено од страна на мотото на патувањето, дава можност за посета и охрабрување на “малото стадо” – локалната католичка заедница, како и можност за зајакнување на дијалогот и соработката со другите верски заедници во мултиконфесионална и мултирелигиозна средина. Средбата ќе биде во знак на сеќавање на Светата Тереза од Калкута, родена во Скопје. Оваа џиновска фигура во својата маленкост со своето сведоштво на животот според евангелието и преку храброста што разоружува на своите дела и зборови им кажа на сите дека Бог е љубов, дека го сака секој човек, особено оние кои се сиромашни и напуштени. За таа љубов Католичката црква сака да даде сведоштво, влегувајќи во дијалог со сите, во име на братството на сите луѓе, не раздвојувајќи и не ставајќи ги на маргините, туку  гушкајќи ги и обединувајќи ги, порача кардиналот Падолин.

На новинарско прашање за пораките и ефектот на посетата на папата Франциск на Скопје, вториот човек во Ватикан, кардиналот Падолин изјави дека папата патува во регион и кај народи кои гледаат со надеж во иднината, но и кои пропатиле за слободата и со длабоки верски корени.

– Се работи за патување во земји каде што живеат луѓе од различна етничка и верска припадност. Мислам дека папата во пораката до граѓаните на овие региони нема да ја пропушти да ја спомене важноста на односите што се обележани со почитување и солидарност, потребата да се изградат мостови со прифаќање на разликите на другите како подароци и богатство за сите. Верувам дека папата – кој ги познава другите добри квалитети на народите од овој регион: активноста, великодушноста, напорите за напредок – ќе повика на зачувување на најздравите традиционални вредности, користејќи ги најдобрите современи придонеси, оценува кардиналот Падолин.

Тој посочува дека желбата е врските што веќе постојат меѓу христијаните што повеќе да се зајакнат во братскиот дух, нагласувајќи ја важноста и потребата од молитва, на дијалог и заеднички акции за одбрана на моралните вредности и човечкото достоинство. -Ова е важно и за односите меѓу христијаните и муслиманите, додаде тој, посочувајќи дека е важно да се има меѓусебно почитување во познавањето и братството и заеднички став дека религијата не смее, макар и индиректно, да следи каква било форма на насилство.

Оценувајќи ја состојбата на Балканот и помирувањето во регионот, кардиналот Падолин кажа дека помирувањето бара „прочистување на спомените“, како и дека желбата на Светата столица е сите верски заедници од регионот да можат заеднички да зачекорат на патот на вистинското помирување и да станат модел за надминување на конфликтите за целото општество.