Балкан
28. May 2016 - 18:17

Карамарко: „Мост“ се обидува да ја турне Владата со помош на СДП

Претседателот на ХДЗ и прв потпретседател на хрватската Влада, Томислав Карамарко, денеска ја обвини малцинската коалициска партија „Мост“ дека, заедно со СДП, се обидуваат да ја урнат сегашната Влада и на власт да го вратат Зоран Милановиќ. Од тие причини, тој порача дека нема да дозволи нему или на ХДЗ да им пресудуваат партиски судови.

Хрватската Влада вчера, со мнозинство гласови, му изгласа доверба на Карамарко, додека министрите од независната листа на „Мост“ и нивниот лидер Божо Петров беа за изгласување недоверба.

Карамарко на изборното собрание на ХДЗ рече дека Владата во која ХДЗ е главната партија се обидуваат да ја урнат оние на кои устата им е полна со реформи, но само декларативно, пренесе Хина.

Тој рече дека ХДЗ има разбирање за „Мост“, но дека Хрватска нема време за чекање ни за исцрпување со уште едни избори и дека на земјата и треба силна и одлучна влада.

Во меѓувреме Владата на својот сајт го објави образложението зошто ги одбива сите наводи од Предлогот за покренување на прашањето за доверба за Карамарко и на Хрватскиот сабор му предлага да го направи истото, наведе Хина. Во образложението се истакнува дека е неосновано да се бара политичка одговорност од Карамарко врз основа на „неточни и паушални“ наводи.

Владата наведува дека евентуалната одговорност на Карамарко треба да се утврди пред надлежните тела заради што Карамарко самиот од Поверенството за спречување на судир на интереси побара покренување постапка.

СДП на 18 мај на Саборот му предаде предлог за покренување на прашање за доверба за Карамарко заради неговата улога во таканаречната афера по повод деловната соработка на неговата сопруга со лобистот на компанијата „Мол“ Јосип Петровиќ.