Македонија
28. September 2019 - 18:56

Каракачанов: Ако Комисијата нема рок, ќе нема рок и патот на Северна Македонија кон ЕУ

 Доколку  Комисијата за историски и образовни прашања нема рок, тогаш ќе нема рок и патот на Северна Македонија кон Европската унија. Неприфатливо е некој да мисли дека тие едноставно ќе ја искористат Бугарија само за влез во Европската Унија, вели бугарскиот вицепремиер и лидер на ВМРО-БНД Красимир Каракачанов, коментирајќи го неодамнешното интервју на претседателот Стево Пендаровски, пренесува БГНЕС.

– Македонскиот претседател Стево Пандаровски си дозволи да посочи дека меѓудржавниот Комитет за историски и образовни работи не мора да има краен рок за својата работа. Јас пак велам дека на 17 октомври Бугарија не треба да брза да даде зелено светло за почеток на преговори за членство на Македонија се додека не бидат расчистени сите фалсификати на историјата, наведува Каракачанов.

Според него, изјавата на Пендаровски е во спротивност на духот за добрососедство и како што вели на бугарската „цврста позиција“ дека мора да се забрза напредокот во разговорите за заедничка историја и нивна примена во образовниот систем на соседната држава.

Претседателот Пендаровски, неодамна во интервју за 360 степени рече дека Комисијата составена од историчари нема прогрес во својата работа изминативе месеци, заради тоа што бугарската страна инсистира на политички, а не на историски пристап.

– Јас на последната средба со бугарскиот премиер Борисов овде во Скопје, каде зачудувачки беше и претседателот на бугарскиот дел од комисијата, јасно му кажав дека комисијата не може да има краен рок. И најдобрите историчари на свет да ги земете, не може во две недели или за два месеца да решите два века. Се надевам дека ќе надвладее разумот и нема да има политички притисоци кои неспорно доаѓаат од Софија врз работата на таа комисија, рече Пендаровски