Македонија
25. January 2017 - 15:28

Караџоски: Електронското следење на дрвната маса ќе ги елиминира кражбите и злоупотребите

 ЈП „Македонски шуми“ почна со електронско следење на дрвната маса, од шума (сеча) до краен потрошувач. Го замени досегашното рачно работење со најсовремен софтвер. 

Како што рече денеска директорот Жарко Караџоски, инвестицијата вредна 32,5 милиони евра, во целост ја покри претпријатието од сопствени средства. Набавени се 300 мобилни персонални компјутери и уште толку печатачи за 180-те шумско-стопански единици (ШСЕ) и 30-те подружници, а 480 вработени минаа неколкумесечна обука за употреба на софтверот.

Според Караџоски, веќе нема да има кражби, злоупотреби и други девијантни дејства. Електронскиот систем ќе стави ред во работењето, а од неговата примена најголема придобивка ќе имаат граѓаните зашто испораката на дрвната маса ќе биде побрза, навремена и квалитетна.

- Ова е револуција во работењето на „Македонски шуми“. Досегашното рачно правење испратници, фактури, евидентирање, книжење што беше голем проблем, е заменето со најсовремено софтверско и хардверско решение. Контролите сега ќе бидат многу лесни зашто буквално се ќе се следи. Нема да има простор за какви било злоупотреби, фактури и испратници ќе се издаваат на самото место. Ако некој не платил или има долг кон „Македонски шуми“, не ќе може да реализира набавка, истакна Караџоски на прес-конференција.

Дневно и континуирано следење на целокупното производство, добивање навремени и точни информации за извршената сеча, дотур и превоз на дрвни сортименти директно од ШСЕ, како и можност за навремено реагирање и менаџирање со производството од страна на одговорните лица, се само некои од придобивките на софтверското работење.

- Многу е битно што ќе се елиминираат досегашните проблеми со наплатата, како и евентуалните манипулации на теренските работници. Прецизно ќе се знае дали се присутни и колку се ажурни во извршувањето на своите задачи, додаде директорот.

„Македонски шуми“ го воведе електронското следење на дрвната маса од почетокот на 2017 година. До донесување на потребните правилници, фактури ќе се издаваат и рачно и електронски. Податоците кои ќе се внесуваат во софтверот, ќе бидат достапни не само за Дирекцијата на претпријатието и неговите подружници, туку и за надлежните институции како Инспекторатот и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанството.