Ракомет
1. јуни 2019 - 17:45

Карачиќ: Да се повтори 2017 година

Трета сезона по ред Вардар игра на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите, и „црвено-црните" доаѓаат во Келн со иста цел - да се стигне до трофејот. Повторно нема да биде лесно, но мотивацијата не недостасува, и сите размислуваат како од аутсајдер да се биде победник.

Вардар двапати играше сезонава со Барселона и загуби. Но во Келн е само еден меч, се е различно и ништо не е важно што се случувало дотогаш.

„ На средбата во Барселона ние игравме одлично цело прво полувреме и бевме на гол разлика. Потоа за 8-9 минути во второто полувреме кои беа црни наеднаш дојдоа плус девет за Барселона. Тоа е нашата главна тема, да бидеме добри во напад и да не им дозволиме брза транзиција. Ако во нападот не си добар и не ја намалиш бројката на технички грешки на минимум нема шанси да играш против Барселона. Секоја грешка ја користат за лесен гол. Колку за потсетување. ", коментира Сташ Скубе.

Игор Карачиќ е играч што е најдолго во Вардар, играше на сите досегашни Ф4 настапи.

„Сето ова ме потсетува на 2017 година. Дојдовме во Келн без притисок, сакаме на сите да им ги замрсиме сметките. Тоа ни успеа пред две години. Лани дојдовме освојувачки и имавме премногу притисок. Се радувам на овој Ф4. Немаме што да загуиме. Играме според мене најдобриот тим не само во Европа туку и во светот. Сепак, годинава Вардар покажа дека има карактер и срце и дека се враќа од тешки ситуации. Ќе дадеме сè од себе за да ја совладаме Барселона. Ова ни е трета година, а знаеме дека што е поголемо искуството. Секој има 25 проценти шанса за титулата. Ќе дадеме се од себе за да дојдеме до успех", вели Игор Карачиќ.

Капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов во својот прв коментар пред утрешната пресметка со Барселона ја префрли улогата фаворит на противникот.

„Третпат по ред сме тука. Не сме фаворити туку играме против најголемиот фаворит на годинешниот Ф4, Барселона. Овој тим имаше одлична сезона. Сепак, тука во Келн годинава сите имаат свои шанси. Се работи за еден натпревар, никој не може да знае како ќе отвориме и сè може да се случи на терен, вели Стојанче Стоилов.

Мечот меѓу Вардар и Барселона се игра утре во 18 часот.