Македонија
11. February 2016 - 13:23

Канческа-Милевска се сретна со младите балерини од „Арт балет“

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска се сретна со учениците од балетското студио за класичен и модерен балет „Арт балет“ од Скопје, кои освоија неколку награди на професионалниот солистички натпревар за класичен и модерен балет, што се одржа на крајот од јануари во Келн.

Седумгодишната Антонија Атанасова и 15-годишната Мартина Димовска освоија две први места, а Сара Димовска, која има 12 години освои второ место. Овие млади и талентирани балерини се вратија и со две стипендии за балетски семинар. 

Министерката Канческа-Милевска информира дека ова студио има континуирана поддршка од Министерството за култура.

- Настапот на талентираните балерини се реализираше со финансиска поддршка од Министерството за култура, а сите награди се навистина огромна афирмација на македонската култура, ако се земе предвид дека признанијата се добиваат во многу голема конкуренција. Успесите се потврда дека Република Македонија има мошне таленитирани и надежни млади уметници кои се големи амабасадори и промотори на македонската култура во светот, потенцира Канческа-Милевска. 

Таа нагласи дека Министерството за култура ќе продолжи со поддршката на сите млади и талентирани уметници бидејќи, како што рече, и тие даваат огромен придонес во промоцијата на нашата култура во светски рамки. 

Балетскиот педагог и кореограф Тамара Ѓурчиновска, раководител на студиото „Арт Балет“, кое работи веќе осум години, информира дека одат на натпреварувања бидејќи децата имаат голем талент и квалитет. 

Според неа, треба да си храбар за да отидеш на еден натпревар и да го покажеш она што го знаеш пред светот. Додаде дека за едно балетско натпреварување се подготвуваат цела година, за да се претстават во две минути. 

- Во тие две минути треба да го покажеш талентот, балетската техника, кореографија, емоција, костими..., рече Ѓурчиновска. Таа додаде дека на реномираниот натпревар во Келн имало и учесници од Белгија, Германија, Италија, Австрија, Бугарија, Романија...

Сара Димовска е седмо одделение во ОУ „Лазо Трповски“, а балет вежба од шест и пол години.

- Секој ден вежбам балет по три и пол часа. Многу се трудам и така постигнувам успех. Досега се имам натпреварувано во Виена, Сареаво, Италија, Бугарија..., рече Димовска. 

Студиото „Арт балет“ е основано преку кредитот за самовработување на млади лица до 29 години, а во 2013 година од  Министерството за труд и социјална политика беше избрано за еден од најуспешните бизниси почнати преку оваа мерка на Владата. Во моментов во студиото има околу 200  ученици, на воразст од три и пол до 17 години.

Ова студио има и други признанија, а лани учениците настапија на меѓународниот балетски натпревар „Виена Опен 2015“ во Австрија, исто така со поддршка од Министерството за култура. На овој меѓународен натпревар „Арт балет“ постигна огромен успех и триумфираше со шест први места, четири втори места, три трети места, три четврти места и со едно петто, едно шесто и едно деветто место. Учениците имаат настапувано и во Бугарија, Италија...