Македонија
5. August 2016 - 15:15

Канческа-Милевска: Проектите за заштита на културното наследство ги оправдаа нашите заложби

Над 500.000 артефакти од различни епохи се пронајдени на над 60-ина археолошки локалитети низ Македонија во изминатите неколку години. Голем дел од нив се изложени во поставките на десетината нови музеи, чија посетеност говори за нивната оправданост, истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која на прес-конференција информираше за најзначајните проекти во областа на заштитата на културното наследство. 

- Наша цел беше соодветно да ги заштитиме и презентираме наодите кои беа пронајдени при бројните археолошки истражувања низ целата држава, да го реставрираме и ревитализираме нашето недвижно културно наследство, да ја унапредиме музејската дејност и преку софистицирани технички методи и интерактивна презентација да го добилижиме до секој посетител највредното од културното богатство на нашата држава... Сите вложувања, сите проекти кои ги реализиравме, ги оправдаа нашите заложби. Современите облици на презентација на музејските експонати го зголемија интересот на посетителите на нашите институции, а би ја истакнала и едукативната мисија која тие ја остваруваат, рече министерката за култура.

Се осврна на неколку крупни проекти од оваа област - проектот за обнова и реконципирање на музејските поставки, кој се реализира во 16 национални установи во земјава. Посочи дека по децениска пауза своја постојана музејска поставка доби и Музејот на современата уметност во кој се изложени непроценливи дела на домашни и странски автори од колекцијата на оваа институција. Меѓу другите ги спомна и новата музејска поставка во комплексот Етно село во Нерези, целосно обновениот објект и музејската поставка во Куќата на Татарчеви во Ресен, како и на Куќата на Андонови во штипско Ново Село...

Реплики од археолошките пронајдоци се достапни и во продажба во 20 унифицирани сувенирници отворени во градовите и на граничните премини. Во изминатите години се спроведува и проектот за обнова на музејските депоа, како и големиот, неколкугодишен проект за зачувување на автентичноста на староградска архитектура, при што досега се обновени околу 40 фасади на објекти во старите градски јадра, а до крајот на годината е планирано завршување на уште 19. 

- Министерството за култура секоја година во својата програма обезбедува средства за конзервација и реставрација на вредните примероци од нашето богато културно наследство. Со соодветен конзерваторски третман беше опфатен голем фонд на недвижни споменици на културата - цркви, манастири, џамии, фрескоживописи, икони, иконостаси, тврдини чаршии и многу други движни и недвижни културни добра од различен вид и период на настанување, културно наследство низ кое се огледува историскиот и културниот идентитет на нашите простори, рече Канческа-Милевска на прес-конференцијата на која за проектите кои се во нивна надлежност информираа директорите на заводите и музеи од Охрид, Струмица, Штип, од Музеј на Македонија, Археолошкиот музеј и од Конзерваторскиот центар-Скопје. 

Таа најави дека до крајот на годинава ќе бидат завршени конзервација на архитектурата и фрескоживописот во црквите „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид, „Св. Ѓорѓија“ во преспанско Курбиново и „Св. Богородица“ во Велушина, целосно ќе биде заштитена црквата „Св. Илија“ во Дојран, конзерваторските активности во внатрешноста на црквата „Св. Ѓорѓија“ во Струга, како и почеток за адаптација на објектот Јени-џамија во Битола во современ галериски простор. 

За 2017-та во план е завршување на неколку проекти, меѓу кои целосна реконструкција на споменикот „Илинден“ во Крушево, фрескоживописот во црквата „Св. Богородица Заумска“ во Трпејца и конзерваторски зафати во уште неколку сакрални објекти, а до 2018-та е предвидена целосна реализација на проектот за изградба на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник, кој се гради на 17.000 метри квадратни, обнова на опожарените конаци и реставрација во манастирот Трескавец кај Прилеп, како и проектот за реконструкција и конзервација на античкиот театар во Скупи, кој има капацитет од околу 9.000 места во гледалиштето. 

Канческа-Милевска соопшти и податоци за посетеноста на музите кои се изградени во изминатите пет години. Рекордна, како што рече, е посетеноста на Спомен-домот на Мајка Тереза со 700.000 посетители од цел свет. Археолошкиот музеј, кој работи од пред речиси две години, досега примил повеќе од 60.000 домашни и странски посетители. Музејот на македонската борба, кој годинава прославува пет години постоење, го посетиле повеќе од 250.000 луѓе, а Спомен-куќата на Тоше Проески во Крушево од 2011 година имала над 250.000 посетители. Музејот на вода во Охрид, пак, кој е културна и туристичка атракција, го виделе околу 300.000 домашни и странски туристи.