Македонија
15. December 2015 - 13:38

Канческа-Милевска на Санктпетербуршкиот меѓународен културен форум

Во текот на  официјалната посета на Руската Федерација по повод 4-тиот Санктпетербуршки меѓународен културен форум, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска имеше работна  средба со свои колеги министри за култура од повеќе земји меѓу кои Руската Федерација, Луксембург, Азербејџан, Молдавија и Босна и Херцеговина.

Како што соопшти Министерството за култура, на средбата се разменети мислења околу идните планови и проекти кои ќе ги продлабочат културните врски меѓу Република Македонија и претставниците на земјите учеснички на самитот, при што е нагласена важноста од унапредувањето на културните политики кои придонесуваат за афирмација на заедничкиот карактер што го поседуваат словенските држави.

Во рамките на  посетата, Канческа-Милевска се обрати и на меѓународната министерска конференција на тема: „Културното и духовното единство на словенските народи“ на која учестувуваат министри за култура и други високи претставници од 55 земји во светот.

Пред присутните гости меѓу кои и Михаил Швиткој, специјален претставник на претседателот на Руската Федерација, за меѓународна соработка, Алла Манилова, заменик министер за култура на Руската Федерација и други видни личности од областа на културата, политиката и бизнисот, Канческа-Милевска го нагласи значењето на конференција како убава  можност да се споделат заеднички иницијативи и проекти кои ќе овозможат поголемо и подинамично зближување и стимулирање на културната соработка меѓу словенските држави, како и заедничка презентација на културните вредности на словенските народи во светот.

Во своето обраќање, Канческа-Милевска потенцираше дека меѓусебното разбирање и споделувањето на искуства се главните елементи врз кои почива соработката меѓу словенските народи, особено на земјите членки на Форумот на словенските култури и истовремено ја подвлече важноста на сите заеднички иницијативи и активности кои се плод на досегашната соработка.

Министерката за култура Канческа-Милевска ги информираше присутните и за капиталните инвестиции кои Владата на Република Македонија и Министерството за култура ги реализрираат во речиси сите сегменти од културното живеење, вклучувајќи го и културното наследство кое, како што стои во соопштението, не е само симбол на минатото, туку тоа е  дискурс низ кој се поттикнува културниот диверзитет.

Во текот на вчерашниот ден министерката за култура Канческа-Милевска се обрати на 11-от состанок на Бордот на „Форумот на словенските култури“, фондација која веќе единаесет години ги промовира и ги афирмира особеностите на словенските народи, а присуствуваше и на пленарната седница и на свеченото отворање на 4-тото издание на Санктпетербуршкиот меѓународен културен форум кој трае до 16-ти декември.