Македонија
2. November 2015 - 20:56

Канческа – Милевска: Културната соработка меѓу Македонија и Италија е на многу високо ниво и ќе продолжи во тој правец

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, денеска во Рим, во рамки на службената посета на Република Италија, имаше средба со италијанскиот министер за култура Дарио Франческини.

На средбата, двајцата министри, јави известувачот на МИА, разговарале за досегашната соработка во областа на културата, како и за идните активности со кои би се продлабочиле културните врски меѓу двете земји.

- Имавме можност да ги потврдиме нашите заложби во реализација на голем број проекти и настани од областа на културата во изминатиот период и да разговараме за унапредување на културните врски помеѓу Македонија и Италија, изјави министерката Канческа – Милевска по средбата.

Укажувајќи на фактот дека соработката во областа на културата меѓу двете земји е на многу високо ниво, истакна дека во изминатиот период континуирано се реализирани многу значајни манифестации и настани и во Македонија и Италија, така што, како што рече, поддршката е взаемна.

Двајцата министри разговарале и за потпишувањето на четвртата по ред програма во областа на културата, образованието и науката, но и за меморандум за соработка, само во областа на културата, каде што може поединечно да се истакнат сите оние активности кои досега се реализирале, но и оние кои следат.

Министерката Канческа – Милевска како особено значајно го напомена копродукцискиот договор во областа на филмската индустрија помеѓу Агенцијата за филм и Директоратот за филм при Министерството за култура на Италија, потпишан во септември. – Овој договор нуди добра можност за финансирање филмови и од страна на Македонија и од страна на Италија, во делот на документарни, играни, кратки, анимирани филмови, рече министерката за култура.

На средбата го информирала својот италијански колега Франческини дека италијанскиот филм „Данет“ на режисерот Валериот е поддржан од македонска страна, така што и тој изразил подготвеност да се даде поддршка на македонски филм во иднина.

- Разговаравме и за можноста за доделување постојан простор на Македонија во рамките на Венецијанското биенале во Венеција, бидејќи секоја година континуирано се претставуваме и во делот на архитектурата и во делот на уметноста, рече Канческа – Милевска.

Таа се заблагодарила и за можноста за присуство на десет наши истакнати поединци од Царинската управа, Министерството за внатрешни работи и Управата за заштита на културно наследство кои оваа година, како што рече, имаа можност да извршат обуки и да се запознаат со структурата на италијанската полиција особено во одделот за борба против нелегално пренесување на наше културно наследство. - Министерот Франческини ме информираше и за отворената програма која во 2016 ќе се реализира за обуки и во делот на театарот, музичко сценската дејност..., каде што активно ќе се вклучиме, рече Канческа - Милевска. Својот италијански колега го информирала и за мерката што е воспоставена пред две години, а тоа е поддршка на странски издавачки куќи кои ќе имаат можност да преведат наши издавачки дела, како и за тоа дека минатата година е поддржана една многу значајна издавачка куќа од Милано, „Либро“, каде што книгата „Резервен живот“ на Лидија Димковска се преведе на италијански јазик. 

- Културната соработка меѓу Македонија и Италија е на многу високо ниво и ќе продолжи во тој правец, истакна Канческа – Милевска.

Инаку, Македонија и Италија имаат традиционално добри односи во областа на културата, со размена на многубројни проекти и гостувања на македонски италијански уметници на манифестациите во двете земји.

Министерката за култура Канческа – Милевска, во рамки на службената посета на Република Италија, денеска присуствуваше на церемонијата на поставување плоча во чест на Свети Кирил и Методиј во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим, а утре предвидено е да присуствува на средбата на претседателот Ѓорге Иванов со италијанскиот претседател Серџо Матарела.