Бизнис
27. January 2020 - 10:53

Кампања за подигнување на јавната свест и за преземање мерки против загадувањето

Сојузот на стопански комори на Македонија со иницијативата на жени во климатска акција почна со кампања посветена на подигнување на свеста и преземање мерки со кои се мотивираат и ангажираат институциите и компаниите да се борат со загадувањето и климатските промени.

Загадувањето, како што се наведува во соопштението, е на алармантно ниво, не само на воздухот туку и на животната средина воопшто, што се одразува негативно и со долгорочни последици за сите кои живеат и работат во Македонија.

– Членовите на Сојузот, директно придонесуваат за справување со загадувањето и климатските промени, но потребно е акцијата да биде масовна. Затоа ги повикуваме сите да се придружат во акцијата која е едноставна, но ефективна. Секој треба да оцени колку од овие активности ги спроведува во својата институција или компанија, помагајќи да стане поодржлива, а во исто време и помагате на државата и светот во акцијата против климатските промени, се вели во писмената изјава на претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија Данела Арсовска.

Сојузот на стопански комори на Македонија информира дека компаниите кои се нивни членови активно преземаат десет чекори кои се повик за делување на сите институции, организации и компании. Тоа се: застапување на барања за акција за справување со загадувањето и климатските промени пред институциите на локално и национално ниво, подигнување на свеста кај своите вработени, партнери, добавувачи, потрошувачи, медиумите и други засегнати страни, избираат добавувачи кои применуваат добри практики за заштита на животната средина.

Меѓу десетте чекори се и: промовирање еколошки начин на работа, без употреба на хартија, преку користење дигитални алатки со што се намалуваат трошоците и употребата на вишок материјали, преземаат мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови, делуваат кон намалување на потрошувачката на енергија на работното место, одбираат обновливи извори на енергија за своите потреби и проекти, делуваат кон намалување на производството на отпад, рециклираат, вршат поправка наместо замена за нови предмети на работното место. Исто така поттикнуваат користење јавен и алтернативен транспорт и одбираат зелена инфраструктура и опрема според најновите еколошки стандарди, опрема која е ефикасна енергетски и одржлива.

– Македонија веќе со денови не се спушта од листата на држави кои се најзагадени во светот. Деновиве е меѓу првите десет земји според светската страница за мерење на квалитетот на воздухот „АирВизуал“, се вели во соопштението од Сојузот на стопански комори на Македонија.