Македонија
2. March 2017 - 10:24

Кампања „Биди фер. За детство без пречки“

Мобилизирање на јавната свест и обезбедување поддршка за правата и вклучување на децата со попреченост, е целта на кампањата „Биди фер. За детство без пречки“ која денеска ќе биде претставена во Музејот на современа уметност во Скопје. 

Кампањата ќе ја претстават министерот  за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими, раководителот на Одделот за соработка при Делегацијата на ЕУ Никола Бертолини и заменик-претставникот на УНИЦЕФ Елспет Ериксон. 

Оваа кампања се спроведува како дел од регионалниот проект „Заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост во Западен Балкан и во Турција“, финансиран од ЕУ и кофинансиран од УНИЦЕФ. Целта на кампањата е да се подигне свеста за социјалниот модел на попреченост дефиниран во Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост.

- Сакаме да ја подигнеме свеста дека поради пречките во средината, општеството и ставовите, децата со попреченост не можат да учествуваат во општеството на рамноправна основа со другите деца, соопштија организаторите.

Кампањата е во насока на поттикнување на јавноста да се идентификува со бариерите на кои секојдневно наидуваат децата со попреченост. Таа опфаќа видео-снимка со скриена камера во која се доловува како луѓето реагираат кога ги услужува аптекарски помошник што има Даунов синдром, неколку видеа во кои се истражуваат предизвиците на движење низ градот кога се користи количка, експеримент, каде на деца со и без попреченост им се дава можност да ја покажат способноста за играње „голбол“ - параолимписка дисциплина која ја играат спортисти со оштетен вид.

Како дел од кампањата, изработена е и нова апликација за мобилни телефони, „Без пречки“, со цел да се информира и да се вклучи јавноста во мапирање на примерите за пристапност во земјата. Таа е достапна за корисниците на Ајфон или Андроид и дава осврт на пристапни згради, пешачки патеки и премини, пристапен јавен транспорт, паркинг, детски игралишта и тоалети, пристапност и еднаков третман за лицата со оштетен слух.

Освен прикажувањето на видеата во националните медиуми, вклучувањето на социјалните медиуми и онлајн-часовите по знаковен јазик, насловната страница на дневниот весник „Вест“ ќе биде испечатена со Брајово писмо, а на сличен начин ова прашање ќе биде нагласено и во вестите на одредени телевизии. Како дел од кампањата, личности со попреченост ќе одржат серија работилници на различни теми.

За време на претставувањето на кампањата, учесниците ќе имаат можност да се дружат со застапниците на лицата со попреченост и да дознаат повеќе за тоа зошто и како секој може да се вклучи во создавање пристапно и инклузивно општество за сите.