Македонија
8. January 2016 - 19:45

Камион со повеќе од 100 илегални мигранти откриен на стариот пат од Скопје за Куманово, неколку килкометри после Арачиново

Камион со повеќе од 100 илегални мигранти откриен на стариот пат од Скопје за Куманово, неколку километри после Арачиново.

Товарното возило се движело во правец на Куманово, кон македонско – српската граница. Мигрантите кои се наоѓале во задниот дел од камионот, немајќи доволно воздух насилно ја отвориле вратата и почнале да паѓаат по патот.

Очевидци за Сител кажуваат дека сликата била стравична, а помошта која им ја пружиле случајните минувачи била главната причина што меѓу мигрантите немало жртви.

Шоферот кој се наоѓал во безизлезна ситуација се обидел да ги врати мигрантите во камионот, но неговиот обид завршил безуспешно, откако избувнала голема тепачка. Тој откако видел дека не може да воспостави контрола на ситуацијата, со друг автомобил кој бил дел од истата група, го напуштил местото со голема брзина, во правец на Скопје.

Досегашната истрага открила дека камионот во кој се превезувале мигрантите има лажни регистарски таблици, кои припаѓале на велешко фиат пунто.

Приведените мигранти се префрлени во полициската станица во Куманово,  а од извршениот разговор, еден од нив изјавил дека истите оствариле илегален влез од Грција, со цел да транзитираат преку Македонија и Србија до западноевропските земји. 

Останатите мигранти кои се разбегале откако виделе дека доаѓа полицијата сеуште се во бегство, на територијата меѓу селата Никуштак, Грушино и Орланци.