Свет
29. јуни 2016 - 8:46

Камерон : ЕУ сака да има „најтесни врски“ со Британија по Брегзит

Британскиот премиер на заминување, Дејвид Камерон изјави дека ЕУ сака да има „најтесни врски“ со Велика Британија, по Брегзит.

По разговорите што ги имаше во Брисел со другите 27 лидери на Унијата, Камерон рече дека „трговијата и безбедносната соработка ќе бидат витални„ без разлика какви на крајот ќе бидат врските.

Според актуелниот премиер, имиграцијата предизвикува „ голема загриженост„ кај британските гласачи, па одмерувањето на ова со барањето пристап, до заедничкиот пазар на ЕУ, ќе претставува голем предизвик.

Тој ја објасни целата дискусија, што се водела околу Брегзит како „мирна и конструктивна„ во која другите европски лидери изразиле жалење што резултатот од референдумот не бил поинаков.

Германскиот канцелар Ангела Меркел изразила респект кон резултатот од референдумот, но политичарите во Германија испратија порака до официјален Лондон дека Британија  (и во иднина) не може да гледа на ЕУ  само низ она што нејзе  и одговара.

Меркел пред Самитот за Брегзит, рече дека Британија мора да прифати слободно движење на луге и на работна сила, доколку сака да го задржи присуството на заедничкиот пазар.

Дејвид Камерон ги известил европските партнери дека преговорите за раздружувањето на Лондон и на Брисел, ќе им ги префрли на идниот премиер и на новата британска влада.

-Пред тоа, не може да има никакви формални, или неформални преговори- изјави Камерон.

Актуелниот премиер и лидер на Конзервативната партија соопшти во петокот дека поднесува оставка и на двете функции, по поразот на референдумот.

Тој соопшти дека  неговиот наследник ќе биде избран на есенската партиска конференција во почетокот на октомври, кога новиот лидер на ториевците ќе биде промовиран и како нов британски премиер.

Синоќа во Лондон, пред зградата на британскиот Парламент, се одржаа масовни протести против Брегзит и со барање за нов референдум за ЕУ.

Протести имаше и во Кардиф, каде зборуваше лидерот на националната партија на Велс,  Плајд Кимру, Лине Вуд. која агитираше пред референдумот за останување на земјата во Унијата.

Нови протести во Лондон се закажани и за претстојниот денови, а протести против Брегзит се најавени и во Манчестер, Оксфорд и Ливерпул.