Македонија
29. July 2016 - 11:47

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија вечер на „Охридско лето“

На програмата на фестивалот „Охридско лето“ вечер е концертот на Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, под диригентска управа на маестро Саша Николовски-Ѓумар.

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија е редовен учесник на нашата најголема и најпрестижна музичко сценска манифестација. Оркестарот основан пред 30 години е составен главно од студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје, но често во него членуваат и млади музичари од други земји. Досега има реализирано повеќе од 90 концерти, со голем број диригенти и солисти од земјава и светот. Камерниот оркестар на МММ е добитник на повеќе награди и признанија.

Маестро Саша Николовски-Ѓумар критиката го смета за еден од најдобрите македонски диригенти. Работел со речиси сите македонски ансамбли – Оркестарот на Македонската филхармонија, Оркестарот на Македонската опера и балет, Младинскиот камерен оркестар на Музичката младина на Македонија, Хорот и оркестарот на Факултетот за музичка уметност во Скопје и други. Добитник е на повеќе значајни награди и признанија од областа на културата и уметноста.

Концертот вечер ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ со почеток од 21 часот. НА програмата се дела на П. И. Чајковски, Х. Персл, Г. Ф. Хендл.