Македонија
20. јуни 2018 - 19:49

Каменос: Ќе направиме се за да спречиме ратификација на нацрт-договорот во Парламентот

Претседателот на Независни Грци и коалиционен партнер во грчката влада, Панос Каменос, порача ќе се обиде на кој било начин да го блокира ратификувањето на Договорот и бара да се гласа со зголемено мнозинство,

Како што јави дописничката на МИА од Атина, по вонредната седница на пратеничката група на неговата партија, Каменос ги откри неговите планови во однос на Договорот или како што неколку пати го нарече „нацрт- договорот“.

Тој откри дека од Ципрас побарал наместо со 151, ратификацијата да биде со 180 гласа од пратениците.

- Не се согласуваме со договорот, бараме 180 пратеници и јавно се обврзуваме дека ќе ја спречиме ратификацијата на Договорот во грчкиот парламент. Грците не треба да се загрижени за овој нацрт договор што не обврзува никој се до ратификацијата, дека за ратификацијата ќе бидеме тука, за на било кој начин да го блокираме ратификувањето, порача Каменос и објасни дека доколку Ципрас не го прифати предлогот за 180 пратеници, тогаш тие нема да останат во владата.

Лидерот на Независни Грци, изрази убеденост дека Договорот „никогаш нема да дојде во парламентот“, поради тоа што, како што рече „Република Скопје“, нема да ги заврши предвидените обврски. 

- Овој договор, нема да може да помине од државата на Скопје. Пред малку, претседателот на Република Скопје побара и испрати јасна порака кон премиерот на Скопје дека ако сакаат, може да го соборат, односно да го соборат преку референдум, истакна коалициониот партнер во грчката влада.

Во однос на содржината на Договорот, Каменос рече дека нема никаква правна сила, се додека не се ратификува и ги обвини грчките опозициски партии дека го отстапиле терминот „Македонија“.

- Овој договор, овој нацрт договор нема никаков правен резултат како што се обидуваат некои да го претстават преку одредени медиуми, особени оние што, многу порано го отстапија терминот „Македонија“, а меѓу нив и Нова демократија што со официјално изјави на нејзиниот претседател говори за ерга омнес и сложено име и ПАСОК што ја потпиша Времената спогодба, но и други партии што се формираа по 2012, порача Каменос.

Кусо пред почетокот на прес-конференцијата на Каменос, портпаролот на грчката влада, на редовниот брифинг со новинарите, одговарајќи на новинарско прашање рече дека нема да се побара зголемено мнозинство од 180 пратеници, бидејќи за конкретниот договор, тоа не го налага Уставот.