Балкан
12. September 2018 - 8:38

Каменос: Без разлика на исходот од референдумот, последниот збор ќе го има грчкиот народ

 Каков и да е исходот од референдумот, последниот збор за Договорот од Преспа ќе го има грчкиот народ или на референдум или на избори, рече коалициониот партнер во грчката влада Панос Каменос, уште еднаш повторувајќи ги неговите позиции, но и откривајќи ги следните негови чекори откако Македонија би ги завршила предвидените обврски.
 
- Мојот прв предлог до премиерот ќе биде да му се обратиме на грчкиот народ, да побараме референдум, од грчкиот народ да заземе став за оваа промена на одлуката на лидерите на политичките партии донесена под претседателот Константинос Караманлис. Втората опција што ќе ја имаме е било која одлука и расправа во парламентот да се префрли по завршувањето на четиригодишниот мандат. И третата и последна ќе биде распишување избори, рече Каменос откривајќи ги неговите планови.
 
Како што јави дописничката на МИА од Атина, на прес-конференцијата во рамките на 83. Меѓународен саем во Солун, Каменос одговараше на новинарски прашања, а спорот за името и Договорот од Преспа речиси и да го монополизираа интересот на грчките новинари, особено поради тоа што Панос Каменос е со комплетно спротивен став од оној на премиерот Ципрас и СИРИЗА.
 
- Немаме мандат од народот за да го отстапиме на било кој начин терминот Македонија. Ќе направиме сѐ за да ја поддржиме владата да стигне до крај и да ја спроведе нејзината програма, но нема да можеме да продолжиме ако дојде „нож до коска“, нешто што сметам дека е неверојатно да се случи барем до летото 2019, рече коалициониот партнер во грчката влада.
 
Претседателот на Независни Грци откри дека за спорот за името уште во минатото разговарале со грчкиот премиер и двајцата ги разјасниле своите позиции, но и исцртале политика „дека каква разврска и да постои во дијалогот, да се префрли по завршување на мандатот на заедничката влада на СИРИЗА со Независни Грци“. Сепак, Каменос рече дека работите се забрзале по условите што произлегле во Скопје, но и со политиката на Коѕијас.
 
Лидерот на Независни Грци објасни дека било во интерес на соседите „да ги прифатат грчките позиции“, бидејќи Грција сака да помогнеме и економски, „но не може да се фалсификува историјата и да се употребува името Македонија“.
 
- Ниту македонски националност постои, ниту македонски јазик постои, говорите словенски, рече Каменос.
 
Со оглед на тоа дека на прес-конференцијата во Солун, лидерот на Независни Грци на неколкупати повтори дека ниту прифаќа име со терминот Македонија, ниту се согласува со Договорот од Преспа, му беше упатено прашањето дали можеби за него, најдоброто решение е нерашавањето на проблемот. Рече дека ако решението е отстапување на терминот Македонија, тогаш може нерешавањето да е подобро решение.
 
- Можеби решението е нерешавање. Поминаа 25 години, нека бидат 35. За 10 години може да се променат многу работи. Сега најдоа да го решат кога сме влада на два различни коалициони партнери кои одиме да ја спасиме земјата, сѐ оди добро, одиме кон развој и треба сега да го решиме, во последните 6 месеци од мандатот? Некои го сакаат тоа, коментираше Каменос.
 
Одговарајќи на друго новинарско прашање, пак рече дека е потребно да постои решение.
 
- Јас не сметам дека со Скопје треба да сме во војна и како министер за одбрана ќе бидам помирен ако е член на НАТО и на Европската унија и како граѓанин на земјата ако можеме, овие луѓе кои што се потрошувачи на пазарот во Солун и Северна Грција, добро би било да ги имаме блиску до нас, да отвораме банки, да работиме заедно со нив, но во прашањето за името треба да ја почитуваме и чувствителноста на Грците особено во Северна Грција, рече претседателот на Независни Грци.
 
На присутните новинари, коалициониот партнер во владата им објасни како всушност, според него произлегло името Македонија за нашата земја, а токму за тоа разговарал и со сенаторите присутни во Солун.
 
- Во некој момент Тито откри дека треба да формира област и да и го даде името на историската Македонија за да бара излез кон Егејското море. Ги зема Словените кои имаа бугарско потекло од регионот на Пирин им рече, ве нарекувам Македонци и одете да го барате Солун за да излезете на Вардар. Немам приговор дека овие луѓе пораснаа со овој мит, со митот на Тито. Но, имаме ние некоја причина сега да го плаќаме митот на Тито? Зошто да навлеземе во една конфронтација особено во Северна Грција, каде што постои особена чувствителност, рече Каменос, пренесе МИА.
 
Лидерот на Независни Грци и министер за одбрана, не само што повтори дека не се согласува и е против Договорот од Преспа, туку говореше и за непостоечки договор, објаснувајќи дека едноставно станува збор за заеднички текст потпишан од шефовите на двете дипломатии.
 
- Договор од Преспа не постои. Завчера читав во еден весник во Солун, пишува дека потпишал премиерот. Што потпишал? Потпишал нешто премиерот? Сте виделе потпис од премиерот? Постои еден текст што ги има потписите на двајцата министри за надворешни работи, за да започнат процесите, кои кога ќе завршат, доколку и ако биде прифатено на референдум, завршени уставните промени и  кога ќе одлучи грчкиот народ, тогаш ќе се претвори во договор. До тогаш не постои никаков договор. Постои заеднички текст, објасни Каменос и покрај тоа што неколку минути претходно, одговарајќи на друго новинарско прашање рече дека „Скопје го прекршува договорот затоа што говори за работи кои ги нема во договорот“, а коментираше дека дел од изјавите на македонскиот државен врв ја провоцираат Грција.
 
Иако неколку пати повтори дека е против употребата на терминот Македонија во името, сепак во еден дел од прес конференцијата го издвои името СлавоМакедонија како предлог „за кој што се разговараше во 1990, беше стигнато многу блиску до прифаќање на името и е нешто кое што ја одредува токму ова конструкција“.
 
Каменос ја коментираше и ситуацијата во регионот велејќи според неговото лично мислење во овој момент на Балканот има развој на еден важен дијалог.
 
- Албанија разговара со Србија за враќање на територии на Косово. Ова е разврска која ја прифаќаат и САД и Европа.  Прашањето со Скопје е поврзано со разлики меѓу еден албански дел и друг словенски Бугари дел. Ќе видиме по разврската на Косово што ќе се случи во поширокиот регион регионот, вклучувајќи го и Скопје.
 
Каменос неколку пати постави прашање до лидерот на Нова демократија, дали тој, прифаќа терминот Македонија да биде вклучен во името и упати критики дека опозициската партија во внатрешноста има различни ставови.
 
Во однос на протестите против Договорот од Преспа, одржани во саботата во Солун, Каменос рече дека тие како Независни Грци ги поддржуваат доколку се мирни и масовни и без провокации, меѓутоа конкретните биле организирани во погрешно време и на погрешно место, за време на говорот на Ципрас и посетата на претставници на американската администрација, но и во исто време со други протести од синдикатите.
 
Коалициониот партнер во грчката влада рече дека како министер за одбрана би одел на протест, но не во саботата.