Македонија
10. September 2018 - 16:17

Камбовски и Поповски: Не можеше да има подобар од договорот од Преспа – илузија е дека некој друг ќе склучел подобар договор

Договорот од Преспа е европски договор кој не го загрозува идентитетот, јазикот и државјанството. Тој е оптимално решение и претставува добар пример за склучување вакви договори и со другите соседни земји, порача академикот Владо Камбовски, на средба со новинарите на која учествуваа и академикот Владо Поповски и Нано Ружин.

Образложувајќи ги научните аспекти од Договорот, Камбовски подвлече дека тој е “услов без кој не се може” за започнување на преговорите со ЕУ, како и зачленувањето во НАТО, а без евроатлантска интеграција, Македонија нема да може да се оформи како демократска правна држава и функционална економија.

Академиците посочија дека МАНУ ќе се залага да нема преименување во Академија на науките на Северна Македонија. Според нив, има простор за послободно толкување на членот од Договорот кој се однесува на кодовите и придавките на државните институции.

Камбовски истакна рефератот на 20-ина страници, кој ги содржи научните гледишта на Договорот, не е официјален став на МАНУ, туку дека тоа се погледи на академици од Центарот за стратегиски истражувања на Академијата.