Македонија
6. October 2017 - 14:24

Калајџиев: Нема никакви сомневања дека „Монструм“ треба да се врати на повторно судење

Откако Јавното обвинителство на некој начин се двоуми и кога веќе не стои со сигурност зад обвинението, според професорот Гордан Калајџиев, повеќе нема никакви сомневања дека треба да се врати назад судењето за случајот „Монструм“.

- Мое убедување е дека сега особено откако Јавното обвинителство на некој начин се двоуми, а тое е всушност тоа што го докажува и стои зад обвинението. Кога Јавното обвинителство веќе не стои со сигурност зад обвинението, судот дотолку повеќе веќе нема ниту морална основа. Јас кога би бил судија ако обвинителството има сомненија не би можел никого да пратам на доживотна робија, ако тој што ме убедувал дека тие се виновни веќе не е сигурен. Тука немам никакви сомневања дека треба да се врати назад судењето, изјави Калајџиев.

Посочи дека „Монструм“ е еден од случаите што покажува дека во кривичното  право сепак има и други тешки ситуации во тој баланс на идејата да се заштити општеството, но да се заштитат и осомничените од неосновано гонење и од нефер постапка.

- Особено е голема тешкотија да се утврди степенот на сигурност кај т.н. субјективни елементи на кривичните дела, кога ние за некое кривично дело бараме намера. Делото теороризам бара намера. Тоа е навистина многу трик прашање и многу дискутабилно како и од каде ќе извлечеме ние доволно убеденост за нешто што е во главите на сторителите и многу тешко може да се најдат вистински докази. Тоа е една од поголемите тешкотии на секој обвинител и секој судија, рече Калајџиев.

Посочи дека случајот „Монструм“ објективно по неговата тежина и импликациите што ги има во едно се уште сериозно поделено  општество по повеќе линии, како што е македонското, неминовно има политички импликации и прашање е до каде е границата на пристојноста и она што владеењето на правото го бара да не се влијае врз судските одлуки.

- Се шпекулира како ќе одлучи Врховниот суд со оглед на персоналниот состав. Не е убаво да постои сомневање во јавноста дека некои одлуки се носат базирано на нивната политичка импликација или политички поени, а особено не за тоа да профитираат политичките партии. Судиите треба пред себе да ја имаат правдата и совеста. Се работи и за морална одлука дали можеш некого да пратиш на доживотен затвор ако немаш фер процедураи и доволно докази за тоа, изјави Калајџиев.

Прашан дали треба таквите судења да бидат јавни, Калајџиев рече дека јавноста е еден елемент што заштитува од монтирани процеси и гарантира дека има фер судење, дека навистина ќе се разгледаат сите аргументи и докази во постапката и тоа е сериозна гаранција.

Професорот Гордан Калајџиев учествува на научна расправа „Двојба во корист на обвинетиот-виновен надвор од разумно сомневање“, која се одржа денеска во Скопје во организација на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија и ОБСЕ Мисијата во Скопје.