Македонија
17. May 2021 - 19:52

Какви рестрикции ќе имаме во следните недели - Комисијата даде препораки до Владата

Полицискиот час останува во сила уште најмалку две недели. Нема олабавување на рестриктивните мерки потврдија од Министерството за здравство и движењето на граѓаните ќе  биде ограничено од полноќ до 4 наутро а угостителските објекти ќе примаат гости како и досега до 23.30 часот. Оваа препорака произлезе од утринскиот состанок на Комисијата за заразни болести на кој како што дознаваме, побарале рестрикциите да останат до 1 јуни се додека не дојде до стабилизирање на епидемиолошката состојба со драстично поголем број на вакцинирани граѓани. Утре предлогот треба да се најде и на Владина седница која го има последниот збор. Дневната статистика покажува дека бројките постојано се намалуваат. На болничко лекување низ државата има 490 пациенти со Ковид-19, додека, пак, изминатите пет дена 536 граѓани добиле позитивни тестови.

Поради намалување на притисокот врз болничките капацитети, Урологија, Пластична хирургија, Траума, Уво, нос и грло, очно, гастро, детската болница во Козле и Институтот за физикална медицина повеќе не се ковид центри и се враќаат на нормалното функционирање со пациенти од нивната патологија.

Во моментот по 78 пациенти има во ГОБ 8-ми септември и на Инфективна  од кои најголем број се во тешка состојба и на кислородна поддршка.