Македонија
26. October 2020 - 16:37

Какви пишани гаранции ќе и дадеме на Бугарија?

Македонија е спремна да гарантира дека нема никакви територијални претензии кон Бугарија. Гаранцијата ќе придонесе за прецизирање на Договорот за добрососедство, вели шефот на дипломатијата, не прецизирајќи дали таа би дошла во писмена форма, усна или пак тоа би се направило како анекс на самиот Договор.

Таму јасно е наведено дека двете страни немаат територијални аспирации една кон друга, но официјална Софија не е сигурна дека новото име на државава го исполнува овој услов.

„Ако краткото име предизвикува одредена загриженост во БГ, дека некој тоа може да го интерпретира како територијални претензии на историскиот регион Македонија, мислам дека ние немаме проблем да направиме дополнително објаснување до бугарската страна дека новото име (како краткото, така и долгото) претставуваат дефинирање на една иста територија, а тоа е политичкиот ентитет Република Северна Македонија”.

По прашањата за Гоце Делчев и за македонскиот јазик, новото име и територијалните претензии кои би ги предизвикало се појавуваат како ново прашање во билатералните односи. Ќе има ли промена на Договорот, како што најави Заев и нови распродавање на историјата, прашуваат од ВМРО ДПМНЕ.

„Вчерашната изјава дека е можна нова декларација која што ќе биде дополнување на договорот е разградување на нацијата и историјата на државата. Наместо раст и развој. Зоран Заев повторно се впушта во историски договори, кои немаат никаков ефект врз суштински развој на државата”.

Работни групи од двете министерства се во дневна комуникација и интензивно работат на спорните прашања. Едно од нив се и историските наративи на спомениците во Македонија.

Османи не го коментираше предлогот на бугарскиот европратеник Ковачев, квалификативот „бугарски фашистички окупатор„ да се замени со “бугарска администрација”, но остава простор за одредени компромиси.

„Јас ги охрабрувам Комисијата и историчарите доколку најдат основа за ублажување на тонот на квалификациите во однос на историските прашања, реципрочно еден кон друг, во интерес на подобрување на сегашноста и иднината, јас ги охрабрувам тоа да го направат”.

Османи е оптимист дека Македонија ќе почне преговори за членство, бидејќи како што рече,  во Европската унија сите се свесни за влогот, тежината и за последиците од евентуален неуспех на процесот.