Македонија
8. November 2020 - 16:48

Каква е состојбата со болничките капацитети во Штип?

Штип деновиве го достигна максимумот од летниот бран инфицирани со корона вирусот. Во моментот се евидентирани 424 позитивни случаи. На инфективното одделение бројот на хоспитализирани пациенти варира на дневна основа. Денес се бележат 64 пациенти на кои им е потребно болничко лекување. Сепак, смирува фактот што најголем дел од инфицираните се асмптоматски случаи или лица кои лесно го надминуваат заболувањето.

- Самата инфекција може да се прележи со лесна клиничка слика и асимптоматски. Да бидеме во тие луѓе кои се во тие 80% кои ќе бидат со лесна клиничка слика. Меѓутоа, за жал имаме потешки случаи околу 14% и критични случаи кои се околу 5% од заболените, изјави Дијана Шишкова, раководител на инфективното одделение.

- Изминатите 8 месеци, инфектолозите, останатите лекари кои доаѓаат на испомош и останатиот помошен медицински персонал буквално живеат на одделението, вели Шишкова.

- Мојот персонал работи пожртвувано, хумано, со сите сили, за да помогне на луѓето кои се болни од оваа болест, а истото ќе продолжи и понатаму, додаде Шишкова.

Во знак на благодарност од градот Штип, на инфективното одделение денес му беше врачена осмоноемвриска награда, која секоја година се доделува во чест на ослободувањето на градот во Втората светска војна.