Како тече попишувањето - граѓаните во паника одат во општинските канцеларии
Центарци сами одат да се попишат бидејќи никој не тропнал на нивната врата. 10-тина граѓани чекаа и по повеќе од половина час пред општинската канцеларија за да ја завршат граѓанската обврска. Граѓаните се пожалија и дека информациите за тоа каде треба да се попишат не им биле достапни никаде па морале самите да прашуваат.
Сител беше во обиколка на неколку пункта во Скопје. Сликата е различна од општина до општина. Во Карпош се чекаше по 20-тина минути, а во Ѓорче Петров беше празно.
-Интерес има. Од вчера наутро отворивме пункт овде во месната заедница Карпош. Интерес има, меѓутоа не е преголем. Секако граѓаните си се попишуваат во своите домови, вели државниот инструктор на Заводо за Статистика, Наташа Наумовска.
Сепак, граѓаните кои добиле известување од попишувач дека не ги нашол во својот дом немаат обврска да се појават во канцелариите. Првиот човек на ДЗС, Симовски за Сител вели дека најголем проблем за Заводот би било доколку граѓани останат непопишани.
-Ако помине попишувачот и не го најде дома граѓанинот остава известување дека бил и остава свој телефонски број. Граѓанинот стапува во контакт со попишувачот да дојде повторно кога тој биде дома, а не да доаѓа било каде да се попише. Граѓанинот не треба да оди никаде, туку да се договори со попишувачот тој да дојде и да се заврши обврската, вели Симовски.
Заклучно до вчера попишани нешто се над 1 милион и 540 илјади луѓе. Симовски вели дека многу мал е бројот на луѓе кои одбиваат да се попишат.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар