Loading Video...
Македонија
21. December 2020 - 16:50

Како се пренесува и колку е опасен мутираниот вирус?

До 70 отсто попренослива е новата варијанта на коронавирусот која во изминатите недели се појави во Англија. Тамошните здравствени власти предупредуваат дека се пренесува многу полесно од човек на човек, но според досегашните податоци, оваа мутација е помалку смртоносна од оригиналната, иако ова допрва треба да се доиспита. 

Сепак, мутацијата може дополнително да ја засили епидемијата. Научници се уште ја истражуваат оваа варијанта која го изолираше Островот, откако повеќе европски држави, вклучително и Македонија забранија летови од Велика Британија.

Британски научници веќе имаат теории како оваа мутација е создадена. Најверојатно на Островот две претходно познати видови на Ковид-19 се споиле во еден.

-По август почнавме да забележуваме дека некои вируси, особено во Велика Британија каде вирусот А и вирусот Б се споија во вирус Ц. Овој вирус во моментот циркулира во Велика Британија како нова мутација, објаснува вирусологот од Универзитетот од Лестер, д-р Јулиан Танг.

Сега главната дилема е дали вакцините кои што веќе почнаа да транспортираат и користат во западните држави ќе делуваат на оваа мутација. 

„Гардијан“ јавува дека поголемата трансмисија се должи на мутација на шилестиот протетин во самиот вирус, кој всушност овозможува вирусот полесно да ги инфицира клетките во белите дробови, грлото и носната празнина.

Но од друга страна, според вирусолозите, вакцината е дизајнирана да создаде антитела токму на овој протеин.

Досега научниците регистрирале илјадници мутации на вирусот Ковид-19. Во Холандија и Јужна Африка е забележана мутација која се пренесува многу полесно, но ниту една досега не е толку пренослива како оваа што се појави во Англија.

Според податоците на британските здравствени власти, во декември 62 отсто од заразените во Лондон биле инфицирани токму со новата варијанта која станува доминантна во Велика Британија.

Британските власти планираа да ги олабават рестриктивните мерки и да ги пуштат луѓето да се мешаат меѓу себе за Божиќ. Но, со појавата на новата варијанта на југот и истокот на Англија, повеќе од 18 милиони луѓе добија наредба да седат дома, освен ако немаат потреба за излегување надвор.  

Појавата на новата мутација го изолираше Островот од Европската унија, откако голем број држави, како што се Германија, Франција, Холандија, Белгија, Канада, но и други ги суспендираа летовите. Германски „Билд“ јавува дека е можно Европската унија да донесе одлука за комплетно укинување на патничкиот сообраќај помеѓу европското копно и Велика Британија. Првите луѓе на Германија, Франција и Европската комисија веќе разговараа телефонски за заеднички настап во ситуацијата и затворање на влезните врати за вирусот.