Македонија
25. January 2023 - 21:16

Како ќе влијаат затегнатите односи Скопје - Софија врз работата на мешовитата историска-образовна комисија?

Заострените македонско-бугарски односи може да влијаат на работата на мешовитата комисија за историски и образовни прашања. За да има напредок потребно е добрососедство, а не тензија, тврди Петар Тодоров, алудирајќи на провокациите од европратеникот Џамбаски.

Ние неколкупати сме кажувале, како членови на македонскиот тим во комисијата дека за да има продуктивна работа и за да има резултат од нашата работа, потребно е да има и конструктивна атмосфера и добри односи помеѓу двете држави. Тоа значи дека двете страни треба да бидат посветени во градењето на добри односи, а не да се преземаат мерки, чекори и изјави кои ја нарушуваат атмосферата на нашата работа“ – Петар Тодоров, член на македонскиот тим од историската комисија

Џамбаски не го претставува бугарскиот народ и затоа тамошните власти треба да се оградат и да ја осудат неговата политика, за да не се создаде простор во корист на оние кои не посакуваат добри односи меѓу двата народа, смета Тодоров. Додава дека реакција треба да следува и од Европскиот Парламент.

Настапот и политиката на Џамбаски е работа на бугарското општество да се справува со таквите луѓе кои шират омраза и имаат шовинистички ставови во однос на Македонците и тоа е работа на бугарската политичка и интелектуална елита и на бугарскиот народ, преку неговото учество на парламентарните и локалните избори. И од наша страна се бара повеќе зрелост, а не емотивни реакции“– Петар Тодоров, член на македонскиот тим од историската комисија

Точката за Гоце Делчев се уште останува отворена за дискусија во мешоватата комисија и, според Тодоров, во моментов нема услови за да се најде решение за ова прашање.

Разговараме и за Гоце Делчев. Ние, како што беше случајот и со Охридската архиепископија, тие дискусии кои ги имаме за тоа како таа да биде претставена во учебниците по историја, така и во овој случај, неопходно е да има посветеност и конструктивна атмосфера за да може да се дискутира и да се дојде до некакво решение. Доколку отсуствува, а во моментов отсуствува добра атмосфера, тешко дека ќе може да се дојде до некакво решение“– Петар Тодоров, член на македонскиот тим од историската комисија

Последната средба меѓу македонскиот и бугарскиот тим беше кон крајот на ноември лани, а нов состанок би требало да има кон средината на следниот месец. Датумите допрва треба да бидат утврдени.