Македонија
21. October 2019 - 17:12

Како ќе настапат партиите на предвремените избори - самостојно или во коалиција?

Коалиција или самостоен настап. Политичките партии се уште анализираат како ќе настапат на изборите закажани за 12 април.

Во македонскиот политички блок, и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека пред граѓаните ќе излезат своите коалиции, но како тие ќе изгледаат и кои од помалите партии ќе бидат дел од нив, се уште не откриваат.

Опозицијата вели дека и во април ќе ја предводи коалицијата „За подобра Македонија“ но нејзиниот состав се уште не е познат.

Власта своите коалициони партии ги собра вчера но договор за заеднички настап се уште нема. Велат, постулатите се поставени, за одлуките има доволно време.

Од ЛДП, една од најголемите партии во владејачката коалиција велат дека сите опции се отворени. Дали ќе одат со Заев или ќе настапат сами најмногу ќе зависи од изборниот модел, а конечната одлука ќе ја донесат партиските тела.
Речи си идентичен став имаат и во ДОМ. И таму ќе ја чекаат разврската на иницијативата за една изборна единица па ќе решат дали ќе одат под чадорот на СДСМ или пак ќе настапат самостојно.
Уште повеќе прашалници висат над албанскиот политички блок. Големиот број на политички партии отвора простор за коалиции, но договор се уште нема.

„Ги анализираме сите можности. Целта ни е да го победиме ДУИ и мислам дека ќе успееме. Откако ќе искомуницираме со сите албански партии во Северна Македонија, Централниот одбор на партијата ќе одлучи. Во едно сум сигурен, дека на 12 април ќе дојде до промена во Албанскиот блок“ – вели за Сител Генералниот секретар на Алијансата за Албанците Арбен Таравари. Тие веќе имаат коалициско искуство со БЕСА но дали ќе имаат заеднички настап не откриваат ниту во партијата на Касами.

И во Алтернатива на Гаши велат дека е рано да се прецизира изборниот настап и дека се отворени сите опции.

Од ДУИ не успеавме да добиеме официјален став. Неофицијално се очекува интегративицте да се држат до традицијата па пред граѓаните во април да истрчаат сами.

Вчера лидерите на парламентарните политички партии кај Претседателот Пендаровски се договорија да ги повикаат граѓаните на избори, една недела пред Велигден, на 12 април. Тоа ќе бидат првите предвремени парламентарни избори во македонската политичка историја кои се организираат во мандат на СДСМ, 8 месеци пред неговиот законски крај.