Македонија
14. February 2019 - 15:04

Како излета автобусот на компанијата „Дурмо Турс“ од автопатот Скопје-Тетово

Никој од оние 50 тина патници не ни помислил дека рутинската тура со автобусот на Дурмо Турс до Гостивар ќе заврши како една од најголемите катастрофи на македонските патишта. Црвениот автобус кој зеде 14 животи на време бил паркиран на перонот на меѓуградската автобуска станица во Скопје.

15 минути по 16 часот патниците веќе биле на своите места. Најголем дел од нив туку што завршиле со работните обврски и брзале да се вратат кај своите семејства во Гостивар.
Ништо на почетокот на патувањето на навестувало трагедија на крајот.
Автобусот се движел по рутата по која патува секој ден по девет пати. Низ центарот на Скопје, преку Ѓорче Петров го напуштил главниот град во својата шеста тура вчера. Движејќи се по автопатот Скопје –Тетово, брзал кон Гостивар.
До несреќата дошло кај селото Ласкарци. Од се уште неутврдени причини автобусот во еден момент свртува остро лево. Се префрла во брзата коловозна лента, по што удира во левата банкина која го дели автопатот со возилата кои надоаѓаат од спротивен правец. Ударот бил силен. Двете банкини кои служат како заштита меѓу возилата кои се движат во спротивен правец немале никакви шанси пред залетаниот автобус тежок десетина тона.  Без контрола над возилото во тој момент, возачот не можел да направи многу. Автобусот поминал преку лената во која се движат возила во спротивен правец, од Тетово кон Скопје и повторно удрил во банкината која го дели автопатот со стариот пат кој води до Сарај. Потпорниот ѕид дополнително ги усложнил работите. Автобусот практично го прелетал и паднал на регионалниот пат од висина како до втор кат.
Кога атерирал, уште еднаш се превртел и завршил во нивата во близина.

На својот пат до таму, пробил три заштитни челични банкини и заштитната ограда. На местото на несреќата сликата беше страшна. Ветробранското стакло можеше да се забележи на 30 метри од местото каде што беше ударот.
На земја без расфрлани личните предмети на патниците и делови од автобусот, а трагите на асфалтот сведочеа за катастрофата која ја зави Македонија во црно.