Македонија
21. December 2020 - 16:47

Како и кога ќе се набават вакцини - На Македoнија може да и требаат и законски измени

Владата бара решение како државата да набави вакцини против Ковид-19 директно од производителите. Како што посочи Премиерот Заев до крајот на денот се чека одговор од Бирото за јавни набавки дали е неопходен тендер или ќе се прават законски измени за да не се одолговлекува постапката. 

-Доколку одговорот биде дека не може, министерот за здравство со Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата ќе работат на дополнување на членот на Законот за јавни набавки со поглавје Ковид-19 заради набавка на вакцини, лекови и сл. да има можност директно по пат на преговарање да можат брзо да ја направат набавката. Очекувам, во следните денови да се најде решение, изјави Премиерот Зоран Заев.

Премиерот рече дека Владата има обезбедено пари за вакцини. Покрај предвидените средства за 833.000 дози за Ковакс одвоиле средства во буџетот и за директна набавка од производителите како и да ги платат вакцините кои ќе ни ги дадат соседните земји членки на ЕУ и Полска.

- Нашиот став е да не чекаме грантови и да платиме сами, со оглед на тоа што имаме средства за побрзо да ги добиеме вакцините. Добредојдени се, посочи, и грантови. Директно, пари има и пари мора да има за вакцината, за лековите, за се што ќе биде за полесно, побрзо и поефикасно справување со заразата од Ковид-19, рече Заев.

Инаку Министерството за здравство преговара со Фајзер и Астра Зенека директно од кај нив да се набават вакцини, но засега нема конкретна одлука кога и колку дози може да добие земјава. Од друга страна се поизвесно е дека вакцините преку Ковакс механизмот нема да стигнат ниту до летото.