Македонија
4. February 2017 - 16:28

Како Глигоров во 1992 година, а како Иванов во 2017 доделуваа мандат за формирање влада?

Претседателот на државата Ѓорѓе Иванов не го крши уставот со барањето, партија или коалиција да докаже мнозинство па да добие мандат за состав на нова влада. Потполно иста ситуација имаше и во 91-та, анализираат весниците „Вечер“ и „Дневник“. Тогашниот претседател Киро Глигоров го барал истото од политичките партии и коалиции откако мандатарот Љубчо Георгиевски не успеал да обезбеди парламентарно мнозинство. Според фактографијата, на Глигоров му се понудени четворица кандидати за премиер од  редовите на ВМРО-ДПМНЕ.. Александар Лепавцов, Тодор Богданов, Милан Ставрев и Пандил Kостурски, не му биле по волја на тогашниот претседател на државата Kиро Глигоров меѓу нив да изврши избор на мандатар на првата македонска плуралистичка влада по изборите во ноември 1990 година. На Глигоров не му се допаднал ниту еден од предложените кандидати, а таков став имале и тогашните раководства на СKМ-ПДП (сегашен СДСМ) и на ПДП иако претходно бил направен меѓупартиски договор со кој ВМРО-ДПМНЕ го доби правото да го предложи мандатарот за новата влада, анализираат весниците.  Инаку тогаш веќе се пречекорил и уставниот рок за определување мандатар кој бил предвиден за трети февруари.

Неприфаќањето на единствениот кандидат предложен од ВМРО-ДПМНЕ резултирало со предлог од Глигоров.. Мандатар за состав на нова влада го понудил Никола Кљусев.. Сепак до ова решение владеел молк од еден месец во јавноста – период во кој се прекршени сите рокови и законски одредби за конституирање влада.

- Се обратив до раководството на ВМРО-ДПМНЕ и тие ми го предложија г. Александар Лепавцов. За тој предлог извршив консултации со сите партии и не добив согласност за таа кандидатура, а моето мислење се совпаѓаше со мислењето на консултираните партии, изјави во Собранието Глигоров, отфрлајќи го на тој начин првичниот предлог на победничката партијата на изборите од 1990-тата.

Инаку деновиве со реакција за драстично кршење на уставот излезе тогашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски.. Тој на својот фејсбук профил напиша дека моментално јавноста го спомнува само примерот кога Глигоров тогаш два пати по ред им го даде мандатот на СДСМ.

- Не знам зошто се премолчува уште подрастичниот пример на кршење на Уставот од 1990  кога Kиро Глигоров воопшто не го ни даде мандатот на победничката партија. Имено, тој побара четири кандидати за премиери, речиси два месеца ја блокира Македонија и на крајот мандатот му го даде на господинот Никола Kљусев. Така што не можам да не констатирам дека сите можни прекрашувања на Уставот ги има промовирано СДСМ, пишува Георгиевски.