Македонија
30. October 2020 - 16:46

Како е во градовите од пелагонискиот регион каде вчера имаше рекорден број заразени?

Одделението за физикална медицина се подготвува за дополнителен ковид капацитет во болницата во Битола, бидејќи се исполнува капацитетот на Инфективното одделение каде се сместени ковид пациентите. Инфективното одделение во Битола е регионален Ковид центар и е посебна зграда од главниот објект на болницата. Бројот на хоспитализирани пациенти на инфективното одделение во Битола денеска беше 67, а максималниот капацитет е 78 кревети. 

-Ние подготвуваме дополнителни капацитети за секој случај, да бидеме подготвени, тоа е хоспиталниот дел на одделението по физикачлна медицина и рехабилитација. Таму подготвуваме капацитет за 20 пациенти, тоа одделение е физички одделено, има посебен влез и е во најмал контакт со оваа зграда, истакна д-р Билјана Гагачовска, директор на Клиничка болница Битола.

Општина Битола пак ќе донира 10.000 евра за средства за кислородна поддршка во битолската болница.

- 10.000 евра донираме за набавка на елементи за кислородна поддршка, доколку биде потребна во следниот период и на тој начин би овозможиле поголем број граѓани да ја имаат таа поддршка, изјави Наташа Петровска, градоначалник на Битола.

Одлуката за донацијата денеска беше изгласана во битолскиот совет, а како што велат од општината, по донесувањето на одлуката од страна на Советот, средствата ќе бидат префрлени во најбрз можен рок, за да може да се реализира соодветната набавка.