Македонија
9. February 2021 - 17:01

Како е произведена и колку е успешна кинеската вакцина?

Кинеската вакцина на Синофарм е направена на сличен начин како и дел од вакцините кои се во задолжителниот календар за имунизација на децата, како оние против полио и беснило. Станува збор за инактивиран вирус кој постепено создава антитела.

-Кога ќе се внесе во организмот на човекот тој вирус ја нема моќта да предизвикува болест бидејќи е инактивиран. Имуногеноста не му е изгубена. Тоа значи организмот на човекот ќе го препознае како туѓ и ќе почне да создава антитела насочени кон тој предизвикувач и на тој начин ќе предизвика имунитет, изјави за Сител д-р Мери Киријас, доцент по имунологија од Институтот за имунобиологија и хумана генетика на Медицинскиот факултет во Скопје.

И за вакцината на Синофарм се потребни 2 дози во период од три недели. Потоа од 10 дена до 1 месец се создаваат антитела. За секој организам е различно. Доктор Мери Киријас од Институтот за имунологија, вели дека сеуште официјално не се објавени резултатите од третата фаза на испитувањата за оваа вакцина кои претежно се спроведени во Саудиуска Арабија, но според досегашните сознанија биле аплицирани околу 50 милиони дози и не се регистрирани сериозни реакции.

-Генерално се сведува на локална болка на местото на апликацијата и во многу помал процент системски, како болки во мускулите, зглобовите и главоболки. За сега други несакани реакции не се објавени. Тоа е процес кој трае и ќе се следи и понатаму. Зборуваме за повеќе милиони дози кои се веќе аплицирани, рече д-р Киријас.

Вакцината на Синофарм почнала да се подготвува на почетокот на  минатата година, прво е тестирана врз животни, а во април почнала првата и втората фаза врз луѓе. Во декември минатата година е почната третата фаза во која според последните информации има 86 проценти п ефикасност во превенцијата на Ковид -19.