Свет
12. October 2019 - 11:05

Како доларот ја зајакна позицијата на американскиот претседател Доналд Трамп

Со површна проценка може да се утврди дека САД не се баш идеален кандидат за работа со управување со светските резерви на пари.
 
Јавниот долг на САД е огромен – 22 милијарди долари, и сè уште расте. Банкарскиот систем во САД е оддалечен само една деценија од најтешката финансиска криза по Големата депресија.
 
Американскиот претседател, горд националист, предизвикува поплаки од сојузниците и непријателите затоа што ги крши сите норми во меѓународните односи, велејќи дека американскиот долар ја изгубил својата аура на безбедно прибежиште.
 
Но, парите раскажуваат друга приказна. Во последниве години, доларот заработи статус на омилена валута за штедење во светот, главно засолниште во време на криза и клучен начин за размена на стоки како нафта.
 
Издржливата потентност на доларот ја засили позицијата на претседателот Доналд Трамп.
 
Тоа му овозможи на Трезорот (Министерството за финансии) да најде купувачи за државни обврзници по завидно ниска цена.
 
Тоа го зајакна авторитетот на Трамп во наметнување на неговите меѓународни политики и ја зголеми моќта на неговите трговски санкции – особено против Иран и Венецуела.
 
Со оглед на тоа што банките не смеат да ризикуваат да го загрозат пристапот до глобална финансиска мрежа базирана на доларот, тие ги избегнуваат државите и компаниите што Вашингтон ги прогонил.
 
– Нема друга алтернатива на доларот, барем не видлива, вели Марк Блајт, политички економист од Универзитетот „Браун“ на Роуд Ајланд. „Не можеме да избегаме од доларот, но тој на САД им дава огромна структурална моќ.“
 
Бидејќи е јасно дека американската валута станува сè помоќна, кредитите во долари на лица надвор од САД, со исклучок на банките, се зголемиле од крајот на 2007 година до почетокот на 2018 година, според податоци на Банката за меѓународни порамнувања.
 
Од помалку од 10 проценти, тие пораснаа на повеќе од 14 проценти од глобалниот економски аутпут.
 
Сето ова се случи и покрај предвидувањата дека доларот по финансиската криза конечно би можел да ја изгуби доминацијата.
 
Кина се обидува да ја унапреди улогата на својата валута, женминби, за да биде во согласност со позицијата на Кина како светска сила. Во текот на последната деценија, Кина воспостави девизни аранжмани со повеќе земји, вклучувајќи ги Канада, Велика Британија и Бразил.
 
Претседателот Си Џинпинг предводеше собир на глобални инфраструктурни проекти во вредност од милијарда долари, делумно и затоа што иницијативата е позната како „Појас и пат“, средство за проширување на употребата на женминбинот во светот. Минатата година Кина воспостави трговски систем во Шангај, кој овозможува нафтата да се купува во кинеска валута.
 
Но, економското забавување на Кина, зголемувањето на долгот и шпекулациите дека кинеските инвестиции се всушност нова форма на колонијализам предизвикаа Кина да забави со своите инфраструктурни планови.
 
Ограничувањата на кинеската Влада за изнесување пари надвор од земјата, но и вознемирувачкото задржување странци, доведуваат во прашање колку е паметно да се чуваат пари во Кина, но и колку е привлечно да се држат пари на кои се наоѓа Мао Ѕетунг.
 
„Што е со Кина?“, се прашува Блајт, наведувајќи можни алтернативи на доларот. „Можев да одам таму и да исчезнам. Тие не влеваат доверба. Кога развивате таква политика, не можете да бидете сериозна светска валута.“
 
Најсериозен конкурент на доларот долго време беше еврото. Во септември претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, во обраќање до јавноста рече дека европскиот блок 80 проценти од енергентите што ги увезува ги плаќа во долари, иако само два проценти ги увезува од САД.
 
– Ќе мора да го смениме тоа, истакна Јункер.
 
– Еврото мора да стане активно средство на нова, суверена Европа.
 
Најбараните инвестиции со евро, германските државни обврзници, се многу барана стока, но нив ги нема многу. Германците исто така имаат и културолошка аверзија кон долгови, поради што не сакаат да финансираат нешто со продажба на обврзници. За споредба, американските обврзници се речиси неограничени.
 
Сериската криза во 19 држави на ЕУ во кои еврото е официјална валута предизвика повеќе анимозитет наместо единство и откри дека еврото е валута на која ѝ недостасува политичка структура што ќе гарантира соодветен одговор кога ќе се појават проблеми.
 
– Проблемите со еврото се проблеми со управувањето, вели Кетрин Шенк, економска историчарка од универзитетот „Оксфорд“. „Тоа од почеток беше со недостатоци, затоа не изгледа како безбедно место на кое треба да се побегне од американскиот долар.“
 
Спротивно на тоа, доларот изгледа како единствена креација – валута ослободена од егзистенцијални стравови.
 
Американската централна банка, Федералните резерви, во последните години ги зголеми каматните стапки за да го реши проблемот со евтини пари што ги пушти во оптек за да се справи со финансиската криза. Повисоките каматни стапки го направија доларот попривлечен за инвеститорите.
 
– Иако Трамп е во Белата куќа и иако прави сè што може за да го поткопа лидерството на САД во светот, доларот сè уште е доминантна валута во светот и веројатно ќе остане, вели Никола Касарини од Институтот за меѓународни работи во Рим.
 
Доминацијата на доларот му овозможи на Трамп да ја диктира меѓународната политика. Додека тој се обидува да го собори венецуелскиот претседател Николас Мадуро, санкциите наметнати на латиноамериканската земја го парализираа извозот на нафта и банкарскиот систем за неколку дена.
 
По одлуката на Трамп во врска со антинуклеарниот договор со Иран и продолжувањето на санкциите, Германија, Франција и Италија го гледаа Иран како извор за нова трговија.
 
Сепак, Европа ги почитува санкциите затоа што нејзините банки не можат да си дозволат да го загубат пристапот до глобалниот финансиски систем во кој доминира доларот.
 
За глобалната банка, „неможноста да работи во долари е практично смртна казна“, вели Бред Сетсер, поранешен службеник во американскиот Трезор.
 
Во својот неодамнешен говор, Беноа Кер, член на одборот на Европската централна банка, ги обвини САД дека го користат доларот за да ја наметнат својата политика на другите.
 
– Да се биде издавач на валута на светските резерви ви дава меѓународна монетарна моќ, а особено капацитет пристапот до финансиски и платежни системи да го искористите како оружје, рече Кер. Со оглед на ваквата „цврста моќ“, за Европа е императив да ја унапреди позицијата на еврото и да ја искористи својата валута „како средство за стекнување глобално влијание“.

Ново на Сител